Не отворајте врата ако ѕвони без униформа

Сто и педесет шалтерски работници и инкасатори на јавното претпријатие"Водовод и канализација" добија униформи. Новиот изглед на вработените беше промовиран вчера, а веќе од денес инкасаторите што ќе одат да ги читаат водомерите, треба да бидат униформирани исто како и шалтерските работници.

"Униформирањето чини 3,8 милиони денари, а доаѓа по поплаките на граѓаните дека не можеле да ги препознаат инкасантите. Имаме случаи граѓаните да не ги пуштаат дома инкасаторите и да им прават проблеми, кои со униформите ќе бидат надминати", рече Александар Атанасов, директор на ЈП "Водовод и канализација".

Атанасов апелираше граѓаните да ги плаќаат сметките за вода во предвидениот рок, со што ќе помогнат да се зголеми наплатата, а тоа, пак, ќе овозможи нови инвестиции. Главна инвестиција на претпријатието, во соработка со Град Скопје, годинава е водоводот во Шуто Оризари. Неговата изградба чини три милиони евра, од кои "Водовод" учествува со 78 милиони денари, односно 33 отсто од инвестицијата. Новиот водовод почна да се гради минатата година. Директорот Атанасов информираше дека се завршени 45 отсто од планираните работи.