Не ни треба совршена утринска рутина, ни треба присуство

Во последно време, многумина зборуваат за тоа колку е важно да се стане рано, да се трча, да се медитира, да се запише целта на денот, да се биде „во чекор“ со успехот.

Photo by M_K Photography on Unsplash

Но, вистината е дека понекогаш најхраброто нешто што можеме да направиме е едноставно — да станеме и да дишеме. Да не се брзаме, да не се казнуваме со споредби, да не бараме сила таму каде што ни треба мекост. Не ни требаат чудесни рутини во пет наутро. Ни треба регулирана состојба. Тело што не трепери од страв, ум што не се брани, срце што не се плаши да се отвори кон нов ден. Тоа е суштината на мирниот почеток — да се вратиме во своето тело пред да влеземе во светот.

Секое утро можеме да го почнеме со нешто едноставно: една рака на срцето, една на стомакот. Пет бавни вдишувања низ носот, пет полека издишувања низ устата. Толку мал гест, а толку длабока промена. Со секое вдишување му кажуваме на телото: „Безбедно е.“ Со секое издишување му дозволуваме на стравот да се растопи, барем малку.

Ако застанеме за миг и си кажеме: „Тука сме. Безбедни сме. Не заостануваме,“ можеби ќе забележиме нешто што одамна сме го заборавиле, дека не мора секогаш да се трчаме по животот. Може да го почувствуваме и да му дозволиме да се случува, без отпор. Во тоа бавно будење има нешто моќно. Телото повторно се враќа во сегашноста, таму каде што живее вистинската сила. Не во плановите, не во споредбите, не во она што мислиме дека треба да сме — туку во она што веќе сме, сега, во овој здив.

Кога го почнуваме денот вака, му праќаме порака на целиот наш систем дека сме тука — не во вчерашниот страв, ниту во утрешната грижа, туку во овој миг. И токму тука, во оваа простора меѓу два здивa, се наоѓа нешто свето: мирот што не бара совршенство, туку присуство.

Можеби не секое утро ќе изгледа мирно, но секогаш можеме да се вратиме на тоа чувство на стабилност што го создаваме со сопствени раце. Не со часовници и списоци, туку со допир, со здив, со свесност дека сме доволни токму такви какви што сме.