Професорката од Правниот факултет во Скопје Јасна Бачовска Недиќ преку објава на социјалните мрежи сподели стручен став за пресудата за возачот Васил Јованов кој смртно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на прешаки премин на „Партизанска“.
Јованов доби 12 години затвор, а јавноста од вчера реагира за висината на казната. За едни е доволна, за други ниска!
- Граѓаните бараат правда. Правдата е вредност. Правото се стреми да биде праведно или што поблиску до правдата. Но, тоа само по себе не е правда. Целата историја на теоријата на правото и правната наука е посветена на овој однос. Тоа правниците го учат на факултет и кога ќе го научат, во очите на граѓаните се "ладни и бесчувствителни правници" . Во некои правни системи носат и униформи со цел да се обезличат и да се различни од масата, која најчесто хистерично и оправдано бара правда, вели професорката на почетокот на својата објава.
- По повод случајот и реакциите, пред се на мрежите, може да се заклучи дека во нашето општество потребна е правна култура, потесен поим од граѓанската култура и потежок, зошто изискува знаење и разбирање на правото и негово почитување, како и разбирање на правните професии (судии, адвокати, нотари). Кога еден предмет е во суд, го надминува индивидуалниот случај (... и правдата око за око, заб за заб - бидејќи веројатно само тоа би било праведно за семејството) и станува предмет битен за општеството и неговиот спас и корист, а судницата соба од посебно општествено значење со висока видливост...Случајот кој е актуелен доби 12 год-затворска казна, адвокатот вели се менува судската пракса. Ама од социолошка гледна точка цивилизациското ниво ги диктира казните. На пример, до висока правна свест - слепо почитување на правила (пр. во Скандинавски земји, Канада, ЕУ) - довеле многу строги казни (дерење, сечење рака, јавен линч, каменување) за да денес имаме современа блага казнена политика до затвори како хотел. Дури и демократијата се мери со висина на казните - еден од индикаторите, пишува професорката Бачовска Недиќ.
На крајот од споделениот став нотира:
- Значи ние сме на ниско цивилизациско ниво (возење без дозвола, поминува на црвено, под дејство на алхохол), значи правна свест како во среден век. Ако не ги казниш строго, како ќе ги заплашиш, како ќе ја подигнеш свеста. Значи сега неможеме да се однесуваме како во среден век (статистика на смртни случаи во РМ), а да казнуваме како во современа Данска. Потребно ни е казнување во општествен контекст (социологија на право, историско - компаративна пракса). Тешко му било на судот во случајот, под притисок на јавноста, која не случајно е разбудена - масакр по улиците. Значи самиот општествен контекст ја подига казната.
20 години е највисоката казна и таа опфаќа многу свирепи убиства со умисла...
Професорката од Правниот факултет смета дека сега потребна е добра новинарска аналитичка статија која на граѓаните ќе им даде појаснување.
- Судот тоа не мора и не би требало да го прави да го прави, бидејќи тоа го направил во образложението на пресудата. Секако дека треба и заинтересирана публика која тоа ќе го чита.. Исто професорите по право треба да се повеќе присутни во јавноста- општествено апликативна активност, барем денес секој има свој медиум и може да биде општествено одговорен и да допринесе кон жива дебата и разјаснување на низа проблеми. Само неколкумина се активни, порача Бачовска Недиќ.