Не може да се суспензира ДУП-от за парцелата кај Холидеј Ин

Од Министерството за транспорт и врски соопштуваат дека Општина Центар не доставила правилни елаборати за суспензија на деталните урбанистички планови со кои би се докажало дека тие имаат штета по јавниот интерес.

Од Комисијата која ги разгледувала елаборатите истакнале дека биле правени по погрешен член од Законот за урбанистичко планирање и дека според тоа, не може да бидат поништени.

„Наместо да побараат суспензија само на делови од планот каде има одредени прекршувања, тие бараат да се суспензира цел план. Посочувајќи неправилности во една четврт бараат укинување на цел план. Во ниту еден елаборат не е докажана штета за јавен интерес“, изјавиле од Комисијата.

Оттаму сметаат дека главната грешка на Општината е што не го сменила планот толку време и дозволила тој да се реализира.

Кај Холидеј ин треба да се градат трите кули од 16, 20 и 22 ката на инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА, откако за една зграда веќе се платени комуналии од 2,4 милиони евра и од Општина Центар е побарана градежна дозвола.