„Не мора да бидеш совршен за да вредиш“: Психологот Христина Стефановска со отворено писмо до сите родители

По повод 10 Октомври – Светскиот ден на менталното здравје, психологот Христина Стефановска упатува отворено писмо до сите родители, потсетувајќи ги на важноста на љубовта, поддршката и разбирањето во растењето на децата. Таа нагласува дека менталното здравје се гради секојдневно, преку прифаќањето на детските емоции, зборовите на охрабрување и чувството на сигурност што родителите им го даваат на своите деца, дури и во најтешките моменти од животот.

Во писмото, Стефановска испраќа порака дека најголемиот подарок што родителите можат да им го остават на децата не е живот без болка и разочарувања, туку внатрешна сила да се справат со нив, да побараат помош и да знаат дека нивната вредност никогаш не зависи од нивните грешки или неуспеси.

Отвореното писмо на психологот Христина Стефановска го пренесуваме во целост:

Сакајте ги децата толку гласно што ехото на вашата љубов ќе одекнува и во нивниот возрасен живот.

Нека во себе ги понесат вашите зборови на охрабрување кога ќе се сомневаат во сопствената вредност, вашата нежност кога светот ќе биде суров, вашето разбирање кога ќе погрешат. Вашата прегратка кога ќе се чувствуваат сами и вашата верба во нив тогаш кога самите ќе престанат да веруваат во себе.

Зашто, еден ден, нема секогаш да бидете покрај нив, нема да можете да ги заштитите од секое разочарување, од секоја загуба, од секое скршено срце и од секоја неправда што животот ќе им ја донесе. Но сигурни бидете дека можете денес да им помогнете да изградат внатрешен свет во кој ќе имаат каде да се вратат кога надворешниот свет ќе стане премногу тежок за нив.

Научете ги дека солзите не се слабост, дека стравот не ги прави помалку храбри, дека грешките не ја одземаат нивната вредност, дека не мора секогаш да бидат силни, успешни, послушни и насмеани за да бидат сакани.

Менталното здравје не се гради само тогаш кога ќе се појави проблем. Се гради секој ден во начинот на кој слушаме, прегрнуваме, утешуваме, поставуваме граници, прифаќаме емоции и создаваме чувство на сигурност и безбедност.

Затоа, сакајте ги така што еден ден, кога животот ќе им го скрши срцето, во нив да одекнува гласот што им вели:

„Ќе поминеш и низ ова. Не мора да бидеш совршен за да вредиш. Не мора да криеш дека те боли. Имаш право да чувствуваш, да побараш помош, да започнеш одново, затоа запомни што и да ти донесе животот, твојата вредност не се менува.“

Животот и вам ќе ви кажува постојано дека најголемиот подарок што можеме да му го оставиме на едно дете не е живот без болка, туку внатрешна сигурност дека болката може да се издржи, дека помошта постои и дека љубовта не мора да се заслужува.

Денес, на светскиот ден на менталното здравје, да се потсетиме заедно дека не воспитуваме деца само за да успеат во животот. Ги воспитуваме за да знаат како да се грижат за себе кога животот нема да биде лесен.