Не лебди во воздухот и не мутира - Д-р Даниловски за вирусот кој предизвикува мајмунски сипаници

Мајмунските сипаници „ги кренаа на нозе“ здравствените власти ширум светот.

На прашањето „постои ли место за паника, има ли можност од избувнување на нова пандемија?“, Професор Д-р Драган Даниловски во интервју за Фактор вели: 

-А зошто би биле загрижени? Дали затоа што еден одамна познат вирус што предизвикува зооноза „скокнал“ од земјите каде што е ендемичен (Централна и Западна Африка) меѓу нас „западњаците“? Треба ли да се „трескаме од земја“ за околу 160 заболени низ 12-13 земји? Треба ли да паничиме, кога епидемиолозите сѐ знаат за него!? Знаат одамна дека е ДНК вирус, кој често не мутира (за разлика од РНК вирусите, каков што е САРС-КоВ-2), појаснува тој. 

-Знаат дека претежно циркулира меѓу своите животински домаќини, мајмуни, прериски кучиња, глодари или други, сеедно, во ендемските краишта во Африка. Знаат дека тој ретко може, таму кај што е ендемичен, да се пренесе и на човек, заради близок контакт со болно животно. Знаат дека пренесувањето од човек на човек е мошне тешко, затоа што е потребен подолг близок контакт со лезиите (плускавците полни со бистра течност или гној – стручно: папули, везикули, пустули - и красти) на кожата или плунката (заради везикули на усната слузокожа - енантем), додава тој. 

Тој вели дека овој вирус не лебди во воздухот (како короната) и дека крупните капки плунка имаат краток домет низ воздухот, но сепак Институциите мора да се подготват максимално, како да се работи за вариола вера!

-Апсолутно е неопходно да се обезбедат разумни количини на вакцината JYNNEOS и лекот тековиримат, како и вакцинија имуноглобулини, смета д-р Даниловски.