
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 76-годишен државјанин на Косово, под сомнение дека е одговорен за стравичната сообраќајна несреќа која се случи вчера завчера пред полноќ на обиколницата кај Скопје, а во која животот го загубија четири лица.
Според првичните наоди на Обвинителството, осомничениот управувал камион „МАН“ со полуприколка, движејќи се во правец од запад кон исток.
Несреќата се случила во близина на клучката Мирковци, кога возачот, не приспособувајќи ја брзината на условите на патот и густината на сообраќајот, изгубил контрола над тешкото товарно возило. Камионот ја пробил металната одбојна ограда, преминал во спротивната коловозна лента и директно се судрил со автомобил „БМВ“, кој се движел во својата насока.
„По силниот удар, двете возила се запалиле. Четворицата патници во автомобилот починале на лице место како последица на повредите и пожарот“, соопштуваат од Обвинителството.
Јавниот обвинител го товари 76-годишниот возач за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот (член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик“. За ова дело, законодавецот предвидува строга затворска казна, со оглед на тоа што последица на сообраќајниот прекршок е смрт кај повеќе лица.
Поради тежината на делото, но и фактот што се работи за странски државјанин, обвинителството до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.