Не им верувај!

Сакаат да поверуваш дека ништо не зависи од тебе, дека сѐ е надвор од твојата моќ и контрола.

Сакаат безнадежно да ја префрлаш вината на друго место, затоа што така нема никогаш да здружиш со некој друг.

Сакаат да внимаваш, да се чуваш и од најблиските, да не си живееш добро ниту со колегите, ниту со соседите.

Да не кажуваш што мислиш, затоа што така нема да чуеш што мислат другите.

Сакаат да поверуваш дека тоа е тоа.

Дека постоиме за да работиме, да заработиме за да ги платиме сметките и да умреме.

Не ги сакаат оние со жар во себе, со идеи кои поместуваат граници, затоа што тогаш се доведува во прашање она што е веќе прифатено и така потешко се контролира масата.

Сакаат да нѐ раздвојат, да нѐ видат групирани во мали фракции. Затоа што тогаш знаат што да очекуваат. Тогаш веќе ги знаат и нашите одговори.

Сакаат да не се сакаш себеси, да не си се допаѓаш себеси, постојано да сакаш да бидеш некој друг. Затоа што тогаш и тие малку пари кои ги имаш постојано ги трошиш, затоа што никогаш не си доволен и не си она што се очекува од тебе и постојано мислиш дека си Никој, па затоа и почнуваш да веруваш во тоа и дека не можеш да промениш ништо.

Сакаат да бидеме послушни. Со доволно простор да се жалиме, но не премногу. Да правиме малку бучава, колку да мислиме дека менуваме нешто. Но, не доволно за да се промени и постигне нешто.

Сакаат да бидеме зафатени за да немаме време да мислиме и ни плаќаат за таа зафатеност за да не умреме од глад. Затоа што сѐ додека префрламе од шупливо во празно, не обрнуваме внимание на тоа колку тие празноглавци ја празнат државната каса и ги полнат своите џебови.

Сакаат да бидеме доволно болни за да трошиме пари на лекови, но не доволно болни за да умреме. Сепак потребна им е работната сила.

Сакаат болни луѓе, затоа што со нив се тешат овие здравите, но несреќни, дека сепак не им е толку лошо, па затоа и молчат, бидејќи нели има и полошо.

Сакаат да бидеме глупави. Заробени во чувството на срам и вина. Да се жалиме, но ништо да не менуваме, да кукаме, но не и да засукаме ракави. Да се колеме меѓусебно околу левица и десница, патриоти и предавници, русофили и европејци, затоа што тогаш нив никој не ги допира.

Нѐ сакаат се додека не сфатиме дека моќта е во нас, дека сѐ зависи од нас, дека сме незапирлив. Кога ќе забележат дека сме го сфатиле тоа, тогаш бегаат.

Нам ни останува да им покажеме што е тоа моќ. Да исчезнеме од нивниот видик, затоа што тогаш исчезнуваме и од нивниот нишан.

Така почнува револуцијата.

Прво, во нас.