Што е детството за едно дете?
Ова е период во кој детето учи проаѓајќи низ развојни фази. И баш тогаш треба да научи што е тоа одговорност. Милтон уште во 17 век рекол дека „детството е она што го одредува човекот исто како што утрото го одредува денот.“ И самите знаете дека денот по утрото се познава и се трудите секое утро да почне добро.
Како вие како родители се трудите детството на вашето дете да му биде подобро и поквалитетно за да може остатокот од животот да му биде подобар?
Што мислам кога велам дека на денешните деца им се краде детството?
На генерациите кои денес растат им се ускратени семејните собиранки и заедништвото. Доминираат оттуѓеноста и независноста. Од мали нозе децата одат во јасли и градинка, а потоа воспитувањето го презема образовниот систем т.е општеството, општеството од кое родителите се незадоволни затоа што не е такво какво што тие посакуваат да биде. Но, сепак децата се предадени во рацете на тоа општество. И така, родителите незадоволни од општеството во своето дете ги гледаат тие карактеристики и тоа општествено воспитување, па своето незадоволство го исфрлаат врз детето, затоа што детето не расте по мерка на родителите, туку по мерка на општеството.
Ако тоа мало количество на слободно време кое го имате не го посветите на односот со детето, на комуникација и во обидување на му влијаете на детето со својата љубов, тогаш тоа дете навистина ќе биде одраз на општеството, а не на вас. И тоа е во ред ако вам ви се допаѓа тоа, но ако не ви се допаѓа, а општеството и натаму го обликува вашето дете, тогаш детството на вашето дете оди во погрешки раце.
Полека исчезнува она старо воспитување пренесено од нашите баби и дедовци. Не се плашете да им дозволите на бабите и дедовците да го пренесат своето знаење. Дозволете им малку да замешаат прсти. Не се плашете дека нешто ќе расипат. Помалку ќе ги расипат од самото општество. Тие ќе ги научат на работи кои денешното општество сосема ги заборавило.
На медиумите постојано гледаме насилство. А бидејќи децата играат насилни игри и гледаат насилни филмови, сосема им е нормално да ги гледаат родителите како се расправаат, а сосема им е туѓо да гледаат прегратки и бакнежи. И така учат дека само со насилство и расправање може да стигнат до својата цел. А поентата на детството е нешто друго, зарем не?
Сѐ повеќе бракови завршуваат со развод, а во меѓувреме во домовите нема хармонија, па детето уште од мали нозе учи како да балансира помеѓу љубовта на мајката и љубовта на таткото и се труди подеднакво да им покажува љубов на двајцата за случајно да не повреди некого. И во такви нехармонични односи, детето учи како треба да изгледа една врска и еден однос, повторно на сосема погрешен начин. И така си лета неговото детство.
Родителите не смеат да се претворат во неми набљудувачи кои само гледаат како детето расте. Родителите треба да бидат активни во воспитувањето и да дадат сѐ од себе за да го заштитат детето од лоши влијанија, да му дадат љубов, нега и заштита, да се потрудат повеќе да комуницираат со детето и да му всадат вредности и норми на однесување.
Помалку зборување, а повеќе делување.
Кога велам да не им го крадете детството, мислам да се потрудите да растат што е можно побезгрижно и низ игра да ги претворите во одговорни луѓе.
Гледам пресериозни деца од 7 или 8 години кои го решаваат односот на мајките и татковците со тоа што балансираат меѓу нив. Гледам мали манипулатори кои не знаат поинаку, затоа што така ги научиле. Тоа е одговорност на родителите, а не на учителите или општеството. Гледам пресериозни деца кои не знаат да се смејат, ниту да се шегуваат. Гледам деца кои немаат почит и кои не знаат што е тоа почит, а да не ни зборуваме за само-почит.
Како учителка правам сѐ затоа што ми е жал за тие деца, но и ние сме ограничени од наставните програми кои ги ограничуваат учителите. Но, не сакам децата да ме помнат по наставниот план и програма, туку по тоа дека сум била човек кој имал време за нив и за вистински вредности.
Тоа треба да биде мисија и на секој родител. Не да ве помнат само по тоа дека сте ги родиле или создале, туку со гордост да го истакнуваат она што го научиле од вас.
Дајте сѐ од себе, а на крајот времето ќе го покаже своето.
Ви посакувам многу среќа, а ако заглавите некаде – тука сум јас!