Не е лесно да се биде позитивен: Зошто на луѓето им е полесно да бидат нервозни?

Луѓето грешат ако мислат дека оние луѓе кои секогаш се насмеани, позитивни и среќни имаат природен талент да бидат такви.

Да, има и такви. Ама ретки се. Повеќето позитивни луѓе мора постојано да работат на тоа на ја тргнуват насмевката од лице. А зошто е тешко да бидеш позитивен и да останеш оптимист во овој луд свет и во овие луди времиња? Затоа што сѐ поретко може да се најдат позитивци и опкружени сме со намуртени и загрижени луѓе, луѓе кои едвај чекаат да нѐ критикуваат.

Не е лесно да се биде позитивен затоа што е полесно да се биде нервозен отколку смирен. Полесно е да се критикува отколку да се фали. Полесно е да се откажеш отколку да истраеш. Многу полесно. Да станеш и да останеш оптимист бара многу работа и труд. Бара нескршлива верба. Трпение. Издржливост. Анализа. Секојдневна мотивација. Дисциплина. Упорност, упорност, упорност...

А зошто треба да се трудиме да бидеме оптимисти? Затоа што оптимизмот е многу поздрав од песимизмот. И за телото и за умот.

Што мислите, колку би бил овој свет поубав, а нашето општество поздраво, кога би имало повеќе насмеани луѓе, повеќе луѓе кои веруваат во позитивни исходи и повеќе луѓе кои го гледаат доброто во луѓето?

Зарем животот не би бил полесен кога би имало повеќе луѓе кои не сакаат да се расправаат? Луѓе кои го кажуваат она што го мислат? Луѓе кои се трудат да не повредат некој друг? Луѓе кои гледаат како да помогнат, а не да одмогнат? Луѓе кои сакаат да охрабрат, мотивираат, утешат, инспирираат? Луѓе кои не сакаат да се натпреваруваат, надмудруваат? Луѓе кои го сакаат животот, без оглед на тоа што тој им донел? Замислете повеќето луѓе да се такви, колку само би бил прекрасен овој свет.

Но, тука има уште една финта. Оптимизмот не само што има исцелувачки моќи и го чува вашето срце, крвен притисок и душевно здравје, туку во вас го привклекува светот за кој веќе долго сонувате. Свет без драми, свет без горчина, маки и болка. Свет болн со благосостојба, љубов, здравје и успех. Свет кој верувате дека постои, но никако да ви дојде.

Тој свет не може да им оддолее на оние со широки насмевки на лицето, оние кои постојано викаат: „Ма сѐ е океј“, оние кои веруваат дека подобрите денови само што не пристигнале. Да, тоа се оние позитивци од почетокот на текстот. Затоа и толку се трудат да останат позитивни.