Јас сум оптимист и идеалист.

Иако реалноста безброј пати ме демантирала, јас навистина верувам во добрина. Во луѓето, во можностите. Во самата себе. Навистина верувам во девизата дека сѐ може да се постигне со работа и труд и дека во животот многу е поважно да се смееш и веруваш.

Во последно време, реалноста сѐ повеќе ме демантира. Уморна сум. Не можам повеќе да се борам. Воопшто не сакам да се смејам. Не сакам да верувам.

Кој е виновен?

Јас сум виновна, затоа што премногу верував. Јас сум виновна, затоа што воспитана сум да верувам во правда. Јас сум виновна, затоа што не умеам да играм нечесно.

Јас!

Државата е одлична, јас сум таа која не ја разбира! Јас не сум свесна каде живеам, а еднаш ми рекоа дека треба да бидам свесна. Јас наивно очекував дека сум човек, исто како и човекот во Америка, Германија или Австралија. Јас верував во правдата и праведноста, а изгледа не требаше да верувам. Изгледа во оваа држава живеат граѓани од трет ред за кои правдата постои само на хартија, во која законите се прават само за да постојат, а не и да се почитуваат.

Јас сум виновна што живеам во држава која не ме разбира, а ни јас не ја разбирам неа.

Јас сум таа!

Јас сум таа која верува дека платата не е награда, туку нешто што се заработува. Јас сум таа која верува дека треба да бидеш платен во линија со своите квалификации. Јас сум таа која мисли дека не треба да работиш работи за кои не се квалификуван. Јас сум таа која би се срамела ако другите работат наместо мене. Јас сум таа која мисли дека годишен одмор не е привилегија, туку нешто што ми припаѓа според закон. Јас сум таа која не го разбира концептот на „сончогледи“, ниту пак постојаното климање со глава.

Јас сум таа која секој ден сѐ помалку може да поднесува да гледа неправда. Јас сум таа која мисли дека до целта се доаѓа со мали чекори, а не со преминување од факултет директно во директорска фотеља и на позиции на кои човек не е дораснат. Јас сум таа која верува дека можностите се заслужуваат, а не се наследуваат.

Јас не сакам така!

Јас таа која не гледа вести  и не го пали телевизорот, затоа што желудникот ми е пречувствителен на сите глупости кои ги даваат на програмите. Јас сум таа која не може да го разбере целото ова крадење и грабање. Таа која не може да разбере како крадците не се плашат од правдата и како имаат желудник да ги газат оние кои веќе се згазени од животот.

Јас сум таа која се смешка, а во себе врие!
Јас сум таа!
И не е до вас, до мене е...
Јас не сум свесна каде и со кого живеам!