Не е чудо од лек, ама многу помага: Kанабисот треба да се дозволи и за други дијагнози

Здружението на граѓаните за слободна употреба на канабис „Зелена алтернатива“ бара од Министерството за здравство да ја прошири листата со болести за кои е дозволено легално да се употребува маслото од канабис.

Нивното образложение е дека со маслото од ова лековито растение може да се третираат речиси сите заболувања и состојби кај луѓето што предизвикуваат болки и други нарушување, а не само четирите што се предвидени кај нас - канцер, мултиплекс склероза, епилепсија кај деца и ХИВ.

Тие се повикуваат на законите што се донесени низ многу земји во светот, каде што листите со болести што се третираат со разни форми на канабис се големи, а во некои земји е дозволено со ова растение да се третира и аутизам.

Давор Ангеловски од „Зелена алтернатива“ вели дека не постои држава, особено во САД, каде што на листата со одобрени заболувања што може да се третираат со канабис се наоѓаат само четири болести, како кај нас, односно спектарот на болести што може да се третираат е голем.

И тој самиот вели дека користи масло, оти има проблем со нервите на нозете – невропатија, за која лекарите не ја знаат причината. Тврди дека откако зема масло од канабис, нема болка и ги чувствува прстите на нозете, што не е случај кога зема само лекови против болка.

Нашиот соговорник додава дека неговата битка за поширока употреба на канабис во медицински цели се децата што страдаат од аутизам. Вели и тој е татко, за среќа, има здраво детенце, но тешко му паѓаат состојбите на аутистичните деца.

Од Здружението велат дека постојат за да ги советуваат лицата што сакаат да земаат канабис за медицински цели за тоа колкави дози се препорачливи за одредена дијагноза. Тие соработуваат со неколку светски клиники каде што се препорачуваат протоколи како и колку да се зема масло за одредена дијагноза.

Најмногу соработувале со Израел, но нашиот соговорник додава дека најголеми достигнувања во третмани со ова лековито растение има на една клиника во Мадрид - Шпанија. Во таа европска земја, додава, и земањето канабис за рекреативна употреба е легализирано и државата има бенефиција од тоа.

Од Штип до Kочани има огромни полиња со див канабис, расте и се шири како коров без проблем, а се бере наесен. Ангеловски од „Зелена алтернатива“ вели дека секој што има потреба може да си набере, па дури и сам да си произведе масло од растението, оти процесот е едноставен.

- Се зема цветот, што поквалитетен цвет - поквалитетно масло. Потребни се растворувач, кој може да биде алкохол на пример, етанол или прехранбен алкохол, тенџере и електричен термометар, кој чини околу 3.000 денари. Па, ако се следат чекорите како треба да се произведе маслото, продуктот ќе биде добар. Станува збор за правење едноставно есенцијално масло. Лекот се наоѓа во трихомите, мали кристалчиња што се гледаат на цветот. Всушност, со течноста се измиваат сите лековити делови и остануваат во садот, кој се загрева на одредена температура. Постојат начини како да се направи безбеден продукт. На крајот, маслото треба да содржи повеќе од 65 отсто активната состојка ТХЦ и нема зелена боја, туку дозволени се неколку нијанси на карамел-бојата - додава тој.