Не дозволувајте да почнете да се однесувате како животни - Младата музичарка со освестувачка порака на Фејсбук

По големата трагедија во колчанската дискотека, Македонија доживува колективна траума!

Бес, тага, жал, безнадежност...„врие“ жесток говор на социјалните мрежи... Едни се повлечени, други се активираат против системот. 

Младата музичака Јана објави освестувачки статус на својот фејсбук профил со наслов „Сите сте во право“...

Ви го пренесуваме во целост: 

- Само останете луѓе и помалку викајте додека сте во право. 2 милиони народ сме и дури и кога за нешто ќе се обединиме и ќе сфатиме дека сме сите во истите фекалии, пак успеваме да се поделиме на тоа чие г*вно подобро смрди.

А заправо, секој има различна реакција на голема загуба и наоѓа различен начин да се справи со болката.

Некои сакаат да молчат, некои да се бунтуваат против системските неправди

А, некои мислат дека оние што се бунтуваат за подоби промени го утнале времето.

Некои пак, мислат дека е баш сега и баш вака правилно време и начин.

Од се' му е на народот прелиена чашата и сега се гледаме сите во своето најранливо и нетрпеливо издание како меѓу сите рационални излегувања експлодираме и со нерационални аргументи. Сите сега си ги лечат своите сенки.

Што и да се направи, животите на луѓето нема да ги вратиме.

Самата трагедија во комбинација со природниот јавен притисок секако ќе си го направи своето за да се реагира и да се тргне малку од мртвата точка во која сме за да заличиме на нешто повеќе од дувло корумпирани глувци.

Она што во моментов можеме индивидуално да направиме е да бидеме добри едни со други. Да не употребуваме зли јазици. Зборовите и начинот на кој се кажуваат, заедно со намерата, се секогаш пресудни за дали ќе има разбирање меѓу народот.

Не постои добар или лош начин да се преброди огромна загуба од овој тип.

Во овој период, а и во секој нареден, ве молам за меѓусебно трпение. Нека стивне бурата од емоции. Не се карајте како тетки на прозор, да ми простите. Интелигентни луѓе со визии, интелектуалци. Ми е срам да ве читам, а знам дека и едниве и другиве сте со огромен капацитет за многу нешта да направите да се подобро во овие остатоци од држава што се обидуваме да ги вратиме во живот. Ве молам не дозволувајте медиокритетите да ве повлечат надолу и да почнете да се однесувате како животни, да реагирате на инстинкт, крволочно, нечовечки, агресивно, со навреди. Целата поента на нашиот пад како цивилизација е таа да не научи да бидеме подобри, а каков пример оставаме ако како индивидуи не покажуваме желба за самоконтрола, не употребуваме убав збор кон луѓето, ако немаме убави мисли.

Сите сте во право, сите кои имате добри намери сте во право. Само ве молам, што и да правите, внимателно бирајте начин. Начинот е важен. Да се остане човек, и покрај сето црнило.