Не брзајте по вакцинацијата да проверите антитела, има лица кои на вакцината реагираат само со клеточен имунитет

Не брзајте да проверите антитела по вакцинацијата. Oва категорично го тврди докторот Никола Пановски кој во изјава за Скопје Инфо вели дека проверката на антитетела по вакцинација не се препорачува во светски рамки, а и кај нас, иако тоа не е штетно, напротив е корисно. 

Ако се препорача од здравствените власти, треба и да се обезбеди бесплатно тестирање.  Тоа е веќе сериозен трошок, сличен на трошокот за вакцината. Ако вакцинираме по 15000 лица дневно, верувајте многу посложено е на тие 15000 по месец дена од втората доза, во еден ден, да им се земе крв, истата да се центрифугира, во рачни процедури да се оддели серумот, па потоа да се стави во апарат. Скоро неизводливо, а и реков скапо колку и вакцината, додава Пановски.

Тој вели дека тестот за антитела може даде јасна слика за тоа дали делувала вакцината, но има лица кои на вакцината и на инфекцијата реагираат само со клеточен имунитет.

 Ако има антитела над референтните вредности, особено ако се тие многу над референтната вредност, јасно е дека вакцината „се фатила“. Организмот ја препознал и реагирал на неа, вели Пановски.

Ако по период од месец или два по прием на втората доза нема антитела, најверојатно не се создал имун одговор или ако се создал ние немаме доказ за тоа.  Имено, ако има антитела, знаеме дека има и мемориски (клеточен) имунитет, кога нема антитела останува да се надеваме дека постои клеточен имунитет, за чие докажување се потребни специјални и скапи техники. Некои лица реагираат на инфекцијата и на вакцината само со клеточен имунитет. Доказ за тоа е дека и дел од оние вакцинирани кои немаат антитела не оболуваат или поминуваат со лесна слика, додава тој.

На сличен став е српскиот професор по клиничка фармакологија, Радан Стојановиќ. Тој вели дека нивото на антитела не може да е показател за успешноста на вакцините.

Клеточниот имунитет не се мери, додека антителата имаат заштитна улога, но не знаеме која е количината која е доволна за наша заштита.  Имунитетот не е математика и граѓаните не треба да одат од лабораторија во лабораторија, вели тој во изјава за утринската програма на РТС.