НБРМ: Внимавајте на пораките, се претставуваат лажно за да ви украдат пари или лични податоци

Во изминатиов период, забележана е појава на испраќање електронски пораки до е-адреси на лица од Република Македонија со лажно претставување.

Поконкретно, лажното претставување во пораките е во име на некоја институција или организација или, пак, во име на поединец, а со нив испраќачите имаат за цел, повикувајќи се на злоупотребениот/лажниот идентитет, противправно да остварат финансиска корист и/или да приберат лични податоци коишто потоа можат да бидат злоупотребени, соопштуваат од Народната банка.

Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни со ваквите пораки и нивната вистинитост да ја проверат во институциите кои се наведени во пораките, при што информираат дека официјаната е-адреса за комуникација со НБРМ е „info@nbrm.mk“.

„Оттука, укажуваме на потребата од внимателно постапување доколку имате добиено или ако во натамошниот период добиете вакви пораки за коишто цените дека се од сомнителен карактер, односно пораки во коишто ви се нуди нешто што не делува остварливо и вистинито и во коишто има претставување во име на финансиска институција, вклучително и во име на НБРМ. Поконкретно, доколку не сте сигурни дека станува збор за порака испратена од легитимна е-адреса на финансиска институција, укажуваме дека е потребно да ја игнорирате таквата порака и да не започнувате комуникација во којашто ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка. Доколку сакате вашето обраќање да го остварите преку е-пошта, соодветно е да го направите тоа преку нова, а не како одговор на сомнителната е-порака. Официјаната е-адреса за комуникација со НБРМ е: info@nbrm.mk., истакнуваат од НБРМ.