НБ: Зголемувањето на каматните стапки од централните банки ќе го ублажи ценовниот раст

Зголемувањето на каматните стапки од страна на голем дел од централните банки ширум светот ќе делува на ублажување на ценовниот раст и спречување очекувања за раст на инфлацијата. Меѓународните институции очекуваат стабилизирање во следниот период, а потоа и намалување на цените на примарните производи, што ќе делува смирувачки и на глобалните и на домашните притисоци. Народната банка исто така реагираше кај основната камата, а донесе и низа мерки за зголемување на денаризацијата и поттикнување на штедењето во домашна валута, вели директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување при Народната банка, Билјана Давидовска-Стојанова.

Динамиката на инфлацијата во голема мерка ќе биде условена од патеката на движење на цените на примарните производи. Меѓународните институции за следниот период очекуваат стабилизирање, а потоа и намалување на цените на примарните производи, што ќе делува смирувачки и на глобалните и на домашните притисоци. Ова се потврдува и со тековниот пресврт во очекувањата, кои за првпат по подолг период упатуваат на понизок раст на цените на дел од примарните производи, а пред сѐ на храната. Затегнувањето на глобалните финансиски услови, при зголемување на каматните стапки од страна на голем дел од централните банки ширум светот, исто така, ќе делува на ублажување на ценовниот раст и спречување на растот на инфлациските очекувања. Со оглед на тоа, иако инфлацијата оваа година ќе биде повисока во глобални рамки, се очекува во следниот период таа постепено да се нормализира и да се сведе во умерени рамки на среден рок. Ова секако и натаму е проследено со одредена неизвесност, имајќи предвид дека светските цени на примарните производи значително осцилираат под влијание на војната во Украина и санкциите кон Русија и нивното движење во последниот период е променливо и потешко предвидливо, истакнува во интервјуто за „Пари.мк“ Давидовска-Стојанова.

Моменталната инфлација, како кај нас, така и во глобални рамки, како што посочува таа, во најголема мера се должи на фактори на страната на понудата, а тоа е силниот притисок од цените на храната и енергијата, кој, пак, доаѓа од намалената понуда поради војната во Украина и економските санкции кон Русија. Сепак, со оглед на тоа што овие притисоци траат подолго, растот на цените станува сѐ пораспространет и се пренесува врз цените на останатите производи и услуги, дополнително подгревајќи ги инфлациските очекувања, коишто исто така може да придонесат за раст на цените.

-Поради тоа, најголем дел од централните банки, вклучувајќи ја и Народната банка, започнаа со постепено затегнување на монетарната политика, преку постепено повлекување на вбризганата ликвидност и со постепено зголемување на основните каматни стапки. Со затегнувањето на монетарната политика се испраќа сигнал преку каналот на очекувањата, држејќи ги инфлациските очекувања на ниско ниво. Кај нас промените во ликвидноста и каматните стапки беа проследени и со други дополнителни мерки. Ова се однесува пред сѐ на задолжителната резерва, при што промените се во насока на понатамошно стимулирање на склоноста за располагање со домашна валута. Така, со овие мерки се делува и во насока на зголемување на денаризацијата и поттикнување на штедењето во домашна валута, вели Давидовска-Стојанова.