НБ ќе ја известува ЕК за фалсификувани ковани евра, склучен договор со ЕК

Народната банка ќе доставува известувања до Европскта комисија и квартални извештаи со статистички податоци за појава на евентуално фалсификувани ковани евра.

Ова, како што соопштува Народната банка , е предвидено со Договорот за соработка во процесот на заштита на кованите евра од фалсификување, што е склучен со размена на писма за соработка помеѓу увернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Генералниот директорат за економски и финансиски прашања на Европската комисија, Марко Бути.

Согласно со одредбите од склучениот договор, соработката ќе се одвива преку размена на технички, статистички и административни информации поврзани со фалсификувани ковани евра евентуално откриени на територијата на нашата земја.

Од Народната банка наведуваат дека особено е значајно што, согласно со одредбите од Договорот, Европската комисија ќе обезбедува и техничка и административна помош за Народната банка и ќе врши обуки наменети за експертите од нашата земја, за откривање фалсификувани ковани евра.

– Во изминатиот период, Народната банка, самостојно и во соработка со Министерството за внатрешни работи, спроведе низа активности за јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување пари, при што одделен акцент беше ставен и на спречувањето на фалсификувањето евра. Со склучувањето на овој договор, уште еднаш се потврдува заложбата на Народната банка за унапредување на соработката со европските институции во оваа сфера, истакнуваат во соопштението.