Наумовски за новиот Клинички центар: Во Ѓорче ја донесовме најголемата гринфилд инвестиција

Александар Наумоски, првиот човек на општина Ѓорче Петров вели дека планираното и оствареното веќе го одат заедничкиот пат. За „24 инфо“ вели дека успеале во Ѓорче Петров да ја донесат најголемата гринфилд инвестиција во земјава, а тоа е новиот Клинички центар.  За соработката со централната власт вели дека функционирањето на локалната самоуправа е зависно од соработката со централната власт.

-Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

Планираното и оствареното веќе го одат заедничкиот пат. Трасата е долга, но котите се поставени. На половина сум од мандатот, зад мене се 40 километри асфалт, 12 километри фекална канализација, финиширање на водоводна мрежа во руралниот дел од општината,поставување на атмосферска канализација на најударните точки,  реконструкција на 30 детски и спортски игралишта, вложување во спортот и младите надежи како и во социјалата и образованието,  кои се само дел од проблемите кои тековно ги решаваме.

Паралелно,  големо  внимание , време  и енергија посветуваме на капиталните инвестиции. Успеавме во Ѓорче Петров да ја донесеме најголемата гринфилд инвестиција во земјава а тоа е новиот Клинички центар. По неговата изградба очекувам прогресивни промени во социјалната карта на ниво на општината. Стартуваме со изградба на нова градинка во село Волково со што ќе го надминеме дел од проблемот со акутен недостиг на слободни места во петте постоечки објекти на градинката Росица. Конечно,  го решаваме и осветлувањето во општината со договор за јавно приватно партнерство. За неколку месеци очекувам да започне и да финишира инсталирањето на нови ЛЕД светилки низ цела општина, со модерна и ефикасна контрола на системот  со што ќе се обезбеди квалитетно осветлување на цела територија. Уверувам дека барем во наредните 12 години да немаме проблем со осветлувањето.

Агенцијата за млади и спорт обезбеди средства за изградба на затворен базен во дворот на училиштето Димитар Поп Георгиев Беровски. Течат и градежните работи за изградба на спортска сала во основното Јоаким Крчоски, училиште кое 60 години немаше услови за одвивање на наставата по физичко образование.  Ги започнавме градежните работи за враќање на Корзото, за враќање на спомените и за создавање на нови на идните генерации. Во паркот во Ѓорче втора година по ред ќе се спроведе културната манифестација Звуци на културата-спој на традицијата и уметноста, спој на сите генерации. Работиме на сите полиња, создаваме проекти, аплицираме на сите активни домашни и меѓународни огласи. Од затворена институција, создаваме вмрежена локална самоуправа. Остануваат уште две години, години на многу работа. Години во кои ќе следат проекти кои се видливи и се разбира создавани за потребите на граѓаните.

– Каква е соработката со централната власт?

Функционирањето на локалната самоуправа е зависно од соработката со централната власт. Тое е едно множество кое мора да се одржува за да имаме напредок. Имаме заеднички именител и создаваме унија.  Одлична е и соработката со Град Скопје. Во моментов се реконструираат двете главни сообраќајници , булеварите ,,Борис Сарафов,,  и ,,Ѓорче Петров,, со кои значително се подобрува квалитетот на возењето и поврзувањето со градот. Лекцијата е соработка, а се надевам дека ние добро сме ја совладале.