Научниците тврдат: „Лајт” цигарите се опасни како и обичните

Таканаречените лајт цигари се опасни по здравјето како и обичните цигари и веројатно придонеле за видливо зголемување на рак на белите дробови, покажува објавената студија.

Истражувачите од пет центри за истражување на рак во САД заклучуваат дека „лајт” цигарите со филтер со отвори за вентилација, изгледа довеле до тоа во последните 50 години да се зголеми бројот на заболените од еден вид на рак аденокарцином, тумор кој се развива длабоко во белите дробови.

Тој вид на рак сега е најчест кај пушачите. Зачестеноста на другите типови на канцерогени тумори на белите дробови падна со намалување на бројот на пушачите во САД во последните децении. Резултатите на овие анализи го потврдуваат тоа во кое истражувачите се сомневале со години и е спротивно на тезите на тутунската индустрија според кои „лајт” цигарите се помалку штетни.

Филтерите со дупчиња се пуштени во продажба пред половина век.
„Тоа е замислено да ги привлече пушачите” – рече доктор Питер Шилдс, заменик директор на центарот за истражување на рак на Универзитетот во Охајо и еден од водечките автори на оваа студија која е објавена во списанието Нешнл.

„Анализата на нашите податоци јасно укажува на врска меѓу бројот на отворите додадени на филтерите на цигарите и растот на стапката на зачестеност на аденокарциномот во текот на последните 20 години”. Тој додава дека посебно загрижува тоа дека филтерите со дупчиња се наоѓаат практично на сите цигари кои се продаваат денес.

Научниците мислат дека преку тие филтери со вентили се вдишува повеќе чад со поголема концентрација на канцерогени материи и други токсини.

„Тие филтери го менуваат согорувањето на цигарите кои произведуваат повеќе канцерогени материи преку ситните честички кои достигнуваат до најдлабоките делови на белите дробови, каде најчесто се јавуваат аденокарциномите” – рече Шилдс.

Според важечките прописи, производителите на цигари не смеат на пакувањата да рекламираат лајт цигари и цигари со мала количина на катран. Меѓутоа, научниците сметаат дека резултатот од оваа студија треба да ја увери американската регулаторна агенција, целосно да ја забрани употребата на филтери со вентили.