Натпревар во мал фудбал меѓу градоначалници и министри во СЦ „Јане Сандански“

В недела во Спортскиот центар „Јане Сандански“ со почеток во 15:40 часот ќе се одржи ревијален турнир во мал фудбал меѓу локалната и централната власт.

Во екипата на локалната власт се пријавени градоначалниците на повеќето скопски општини, додека во екипата на централната власт ќе се натпреваруваат министри, советници и други високи функционери. 

Турнирот, всушност, се игра на крајот од традиционалниот Турнир во мал фудбал на медиумите, кој годинава се одржува по 26-ти пат (од четврток до недела) во организација на Спортско радио 90,3 ФМ.

Целта на манифестацијата, покрај забавата, е и дружење и промовирање на спортот.

В недела, исто така, пред фудбалот на градоначалниците против министрите, во 15:00 часот му претходи уште еден атрактивен натпревар меѓу познати пејачки и новинарки, што секоја година предизвикува голем интерес кај публиката. Истиот ден фудбал ќе играат и спортски легенди, полицајци, училишта, факултети и фудбалските школи.

Инаку, влезот за публиката е бесплатен.