Настески: Ќе продолжиме со градење на катната гаража кај „Авто Македонија“

Фирмата „Никофон“ наскоро ќе почне со активности за градење на катната гаража кај „Авто Македонија“ бидејќи до сега не нашле заедничко решение со Општина Центар. Сопственикот Никола Настески за СДК.мк вели дека имале неуспешни преговори за Општина Центар, но и понатаму остануваат отворени за разговори.

- Ќе продолжиме со изградба на катната гаража, со оглед на тоа дека преговорите со Општината за изнаоѓање на алтернативно решение завршија неуспешно. Станува збор за инвестиција од приближно 5 милиони евра. Сепак живееме во општество каде сопственоста е загарантирана со Устав и со закон, вели Настески.

И покрај реакциите на граѓаните и стручната јавност дека оваа локација не е соодветна за изградба на барокна катна гаража од осум ката, за Настаски оваа парцела е атрактивна.

- Се одлучивме за наведената локација заради нејзината атрактивност и бизнис оправданост. Во однос на обвинувањата дека за купопродажбата на земјиштето се поднесени кривични пријави, мене тоа не ми е познато, ниту сме учествувале во било какви активности. Земјиштето е уредно купено во постапка на јавно наддавање“, вели Настески.