Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека е изработено упатство за наставниците во сите основни и средни училишта во однос на предизвиците со кои се соочуваат учениците на социјалните мрежи, особено на социјалната мрежа „ТикТок“.
Упатството, како што рече, е споделено со педагошката служба во Министерството за образование и наука, а остварени се и неколку средби со претставници на Министерството.
– Ова упатство ќе биде насочено кон сите наставници во сите училишта, основни и средни, да поразговараат со децата, со учениците за предизвикот што се случува со социјалните медиуми, затоа што ова се алатки со неограничени можности. Но, за жал, никој од нас никогаш не бил обучен како правилно да ги користи. Тука започнавме со упатството, истото ќе го објавиме и на нашата веб-страница, ако не е веќе објавено. Има и код што води до корисни веб-страници или алатки, што родителите можат да ги користат за да им го ограничат пристапот на секое од децата. Што значи ако може да ограничат во семејството конкретни веб-страници или апликации, да не можат да се симнуваат или да се употребуваат. Сметавме дека ова треба да биде првиот чекор, појасни министерот.
Вториот чекор, како што истакна, е центар за побезбеден интернет што дополнително ќе дава ресурси и помош на овие деца. Тој очекува да се формира до крајот на годината, нагласувајќи оти се работи на физибилити студија со партнерите.
– Третата можност што ни стои на располање – целосна забрана на овие апликации. Кажав дека сум против нарушување на нет неутралноста и заземање страна во поглед на забранување аплкации. Затоа што ако забраните една апликација, голема веројатност е децата да се префрлат на некоја втора, а државата не смее да биде таа што постојано ќе забранува апликации и со тоа ќе ги наруши демократските принципи на општеството. Но, ако забележиме дека овие мерки што сега ги преземаме не се доволни, секако можеме да го задржиме правото со одредени измени во Законот за електронски комуникации да преземеме и вакви мерки, одговори Андоновски.