Наставничката професија воопшто не е ценета, кај нас платите се најниски во регионот, вели наставничката Жаклина Ристовска од Скопје

Жаклина Ристовска е одделенски наставник повеќе од три децении.  Работни во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Аеродром, а за својата посветена и благородна работа има бројни признанија и награди. Но, несомнено нема поголема награда од среќните и успешни генерации чија основа во образовниот процес им ја дала токму таа, и нема поголемо признание од она кога родителите сакаат нивните деца да ги учи токму оваа учителка. 

Иако оваа професија се соочува со девалвација во општеството, Ристовска останува реална, доследна, пријатна, секогаш подготвена да го пренесе знаењето и секогаш отворена за комуникација со родителите.

Со Ристовска разговараме за промените во образованието низ годините, за „денешните“ родители, за недостигот на учебници, за технологијата и нејзиното место во образованието, како и за „падот на угледот“ на професијата. 

Работите околу три децении како одделенски наставик. Најпрвин би сакале да ни кажете како изгледаше работата како учителка на почетокот, пред 20,30 години, а како сега. Претпоставувам има многу промени, па дали може да направите паралела на клучните работи кои се промениле?

- Има премногу промени од сите аспекти на воспитно- образовната практика пред 30 години и сега. Пред 30 години наставата во една паралелка се реализираше со 40-42 ученика, фронтална настава со доста меморирање на непотребни факти за учениците. Но, за разлика од сега, тогаш постоеше поголем респект кон професијата и пореално вреднување на учениците. Назависноста во работата на наставникот и правилното вреднување на учениците доведува до правилен социјален развој на детето. И тогаш се почитуваа детските права, но учениците ги знаеа и нивните одговорности. Денес, за жал, неретко се злоупотребуваат детските права од страна на дел од родителите со една единствена цел – да се добие дури и незаслужена одлична оценка или пак да се оправда недисциплината на своето дете.

Сите ние, вклучително и медиумите, треба да укажеме на овој општествен проблем. Наш приоритет треба да биде создавање на генерации кои ќе го ценат трудот, знаењето, а не „врските“ и „корупцијата“.

Во однос на наставата од пред дваесетина години започна да се практикува активна настава, настава со истражување, проекти, учење низ игра, учење со помош на компјутери, настава на далечина (за време на пандемијата) и од пред неколку години настава според новата концепција. Добро е и мора да има промени во образованието и да се следат општествените промени и развој, но кога се прават промените посебно во наставата треба да бидат издржани и приспособени на условите во нашата држава и специфичностите на живеењето. Не може наставна програма и план од една држава само да се преслика во наставата на друга држава. Треба убаво да се осмисли, треба да работат стручни лица и многу повеќе наставници практичари од сите нивоа на образованието и да се почитува нивното мислење. Секоја промена има позитивни и негативни последици во образовниот процес. Треба она што е позитивно да продолжи, а причините за негативните последици само да се отсранат, односно да се променат причините за тие негативности. 

Официјално започна учебната година, а се чини главниот фокус на јавноста, пред се на родителите и наставниците, е на проблемот со немањето доволно учебници. Кој е вашиот став по ова прашање? Како се снаоѓате Вие, има ли реакции од родителите...

На почетокот на учебната година моите ученици кои се 4 одделение започнаа да учат со учебниците од претходната генерација, но 10 дена од почетокот сите ученици добија нови комплети. Така да од моите родители немав никакви реакции. Мојот став во врската со учебниците и доцнењето е краткиот рок за пишување на учебник од само 2-4 месеци, авторите треба сами да го креираат и платат сите трошоци до предавањето на учебникот (како лектор, печатење во 5 примероци, дизајнер, компјутерска обработка и сл.) и прашање е дали ќе се одобри тој учебник.

Мислам дека Законот за учебници треба во најскоро време да претрпи измени, да може да се одобруваат 2 учебника за секој предмет, наставниците без никакви притисоци да одберат со кој ќе работат, рокот за изготвување учебник да биде најмалку 6 месеци. Кога ќе се објави конкурс авторите првично да конкурираат со една тема и од ракописите за учебник да се изберат еден или два ракописа. Потоа да им се даде рок од најмалку 6 месеци да го изработат, но со тим од дизајнер, компјутерска обработка, лектор и печатење. Рецензионите комисии да имаат сериозен пристап во разгледување на материјалот. Изработката на солиден учебник е долготраен процес и има повеќе фази, кои кај нас не се почитуваат. На крајот пред печатење на учебникот треба авторите да го прегледаат и да се потпишат на секоја страна дека го одобруваат. Така беше порано и немаше толку грешки и недоследности.

Неминовно е прашањето кое го наметна прогресот на технологијата. Во време кога се нудат и електронски учебници, а има и предупредувања за штетните последици од прекумерното користење на електронските уреди кај децата – Кој е вашиот личен став, подобро се учи од екран или од книга?

Подобро се учи од учебник кој е незаменливо средство за учење. Но, во денешно време треба да се комбинира и секој наставник треба да одреди, дозира употреба на дигитални алатки во интерес на наставата. Морам да го споделам искуството од мојата работа со учениците. Општина Аеродром, градоначалникот Тимчо Муцунски оваа и минатата година доделија таблети за сите ученици од 4 одделение. Таблетите учениците ги чуваат и се грижат за нив, а работат на нив во училиште по моја насока, насока на наставникот. Ги носат 1 – 2 дена во текот на седмицата и по потреба кога треба да истражуваат или учат со нивна помош. Другиот дел од наставата учениците учат со помош на учебниците, наставни листови, низ игра, истражувачки проекти и сл. Така да наставата не е монотона, туку има смена на активности и наставни помагала, односно интерактивна и интересна.

Вашата професија важи за една од најблагородните, но факт е дека станува се помалку ценета и платена. Како реагирате на тоа? Доволно ли одвојува системот за образованието и за угледот на вашата професија?

За жал како и претходно што кажав, наставничката професија воопшто не е ценета кај нас. Во споредба со колегите од регионот, ние сме со најниски плати. Стимулот за работа се повеќе се намалува. Секако, од друга страна, сметам дека е потребно и наставниците преку обуки и примена на активностите и знаењето од обуките во сопствената наставна практика, со цел да го зголемат нивото на квалитет на својата работа.

Наставниците денес се под голем притисок да не го спроведуваат правилното вреднување, а институциите, пак, и општеството во целост адекватно не се спротивставуваат.

Со оглед дека работите со мали дечиња, клучна е соработката со нивните родители. Може ли да ни кажете збор, два за вашиот впечаток – Дали денешните родители се многу попустливи кон децата, дали се премногу инволвирани во образованието на сопствените деца...

Морам да се пофалам дека со сегашните родители, но и со родителите од претходните генерации секогаш сум имала одлична соработка и разбирање од сите аспекти. Тајната на добрата соработка со родителите е меѓусебната доверба во однос на воспитно – образовниот процес на нивното дете.

Не можам да генерализирам дека се многу попустливи, но поголем дел од нив се многу пристрасни за своите деца и не ја согледуваат реалната слика и насока во кој се развива детето. Преку пример, детето прекршува во континуитет училишни правила на однесување, несоодветно се однесува, наставникот укажува, дава совети за да се надмине тоа, а родителот го напаѓа и обвинува наставникот. Што се случува потоа, по десет години? Родителот се соочува со разни девијантни однесувања на своето дете. Кога било помало секогаш го бранел своето дете во неговите недела, а по звршувањето на школувањето ќе се соочува со негативните особини на сопственото дете.

Во врска со инволвираноста на родителите во образованието, поголем дел од нив мислам дека и премногу си даваат на важност. Во смисла се мешаат како наставникот да предава, па каде греши и сл. Едноставно се мешаат во работата. Секој наставник си има свој метод на работа, свој пристап итн. Доколку родителот не е задоволен има можност да го запише кај друг наставник, во друго училиште. Доколку од тој наставник не се задоволни голем број ученици и родители има соодветни институции и педагошки увиди за неговото работење.

Истражувања покажуваат дека имаме се помалку писмени млади генерации, се повеќе апатија има, девалвација на вистинските вредности...а претпоставувам ќе се согласите дека основата лежи во домашното воспитување и во првите неколку години од основното образование. Што сметате дека е клучно да се поправи состојбата на ова поле?

Како што кажувате има целосна девалвација на вистинските вредности во Македонија. Причините за ова се комплексни и Да се согласувам дека има сѐ помалку писмени млади генерации, се повеќе апатија има, девалвација на вистинските вредности во сите сфери, не само во образованието. Причина за се помалку писмени млади генарации ја гледам во политиката на оценувањето кај учениците. Народно кажано „учел не учел на крај си одличен“. Па и оние што навистина сакаат да учат, ќе престанат кога ќе видат дека сите имаат исти оцени. Децата не размислуваат дека учат за себе самите, дека знаењето ќе им помогне во животот. Оттука започнува девалвацијата на вистинските вредности и потоа се провлекува во сите сегменти на општеството. Оттука е грешката.

За крај, дали е поважно детето да биде одлично или среќно?

Секако е најважно детето да биде среќно. Кога детето е среќно, среќни се и неговите родители и неговите наставници. Сметам дека доколку едно дете има одличен успех на училиште, може да биде само еден сегмент во неговиот живот како причина за среќа, но не и пресуден.