Настап на најдобрите екипи од средните училишта на град Скопје во Нирнберг

Одлични резултати постигнаа најдобрите спортски екипи на средните училишта од Скопје, кои изминативе неколку дена се натпреваруваа со нивните врсници од збратимениот град Нирнберг, Германија.

Средношколските тимови од Скопје беа поуспешни во натпреварувањата, постигнувајќи генерален резултат од шест победи и еден пораз.

На отворањето на спортските натпревари во Нирнберг, како што информираат градските власти, се обратија портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху и директорот на училиштето „Бертол Брехт“ Харалд Шмит. 

- Град Скопје е активно вклучен во многубројни активности и програми кои имаат за цел да ја поттикнат помладата генерација да спортува. Сигурен сум дека секој од Вас ќе го даде својот максимум во денешните натпревари. Ве охрабрувам да ја искористите оваа можност за дружење, стекнување нови искуства и пријателства, нагласил Салиху.

На затворањето на спортските натпревари на присутните им се обратил и Клеменс Гесел, заменик-градоначалник на градот Нирнберг.

Натпреварите на најдобрите спортски екипи од средните училишта од Скопје во Нирнберг се продолжение на праксата за организирање вакви натпреварувања, а во изминатите години се организираа патувања во Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и во Белград.

Покрај средношколските спортски лиги на Град Скопје, во чии натпреварувања годинава учествуваа над 6.000 средношколци, годинава првпат од буџетот беа обезбедени и стипендии за 100 најуспешни спортисти, ученички и ученици, од по 3.000 денари во текот на осум месеци до крајот на 2018 година.