Со двочасовниот настап на францускиот диџеј, продуцент и хитмејкер Дејвид Гета на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје, синоќа беше заокружена прославата на 35 години независност на Македонија.

Концертот беше распродаден, а според проценките и информациите од организаторите, на стадионот имало околу 50.000 посетители. Влезниците се продаваа по симболична цена од 35 денари, во чест на 35-годишнината од независноста.
Атмосферата почна да се загрева уште од 20 часот со настапите на домашните диџеи Семпре и Никифор, кои во своите сетови вклучија и бројни ремикси на македонски поп-хитови, во духот на празничната вечер.
Потоа следуваше кулминацијата.
Гета го донесе своето стадионско шоу „Monolith“, со огромна сценографија, моќна продукција, ласери, пиротехника и визуелни ефекти кои го претворија стадионот во огромен клуб под отворено небо.
Илјадници посетители во еден глас ги пееја неговите најголеми хитови, но и добро познати класици на електронската музика. Глетката од трибините беше впечатлива, а огромниот монолит што се издигаше над сцената, пиротехниката што го сечеше небото и светлосните ефекти создадоа аудиовизуелен спектакл каков што Скопје ретко имало можност да види.

Македонската публика низ годините гледала големи диџејски настапи на плоштади, во сали, на хиподроми и на други отворени простори, но ваква стадионска продукција, со околу 50.000 луѓе, досега немало.
Особен впечаток остави и организацијата. И покрај огромниот број посетители, движењето низ просторот, обезбедувањето и логистиката функционираа на високо ниво, а чувството на сигурност беше една од работите што најмногу се забележуваа во текот на вечерта.
На почетокот на настапот Гета ѝ го честиташе „роденденот“ на земјата со зборовите „Среќен роденден, Македонија“, што предизвика силни овации од публиката. Во текот на вечерта уште неколкупати ја нарече земјата Македонија.
„Ви благодарам, Македонијо. Немав никакви очекувања за тоа како ќе си поминам тука вечерва и навистина уживав“, им порача Гета на присутните.

По повеќе од два часа настап, публиката го врати на бис. За самиот крај, Гета приреди уште едно изненадување и премиерно пушти свое ново музичко остварување, кое официјално треба да биде промовирано пред светската публика во петок.
Настапот на Дејвид Гета не беше само уште еден голем диџејски сет, туку целосен стадионски спектакл и кулминација на прославата на 35 години независност на Македонија. Скопје доби вечер што долго ќе се памети.