Наскоро започнува учебната година, а тоа носи дополнителен трошок – колку чини првачето?

Родителите во минус на сметката, наставниците незадоволни од платите, власта го преиспитува бројот на вработени и можностите на буџетот, несраземерен однос меѓу наставниците и учениците, децата жалат поради крајот на распустот, но и се радуваат на повторната средба со другарчињата.

За неколку дена почнува учебната година, нова, а со стари проблеми, најчесто исти секоја година - недостиг од пари. Сепак, поаѓањето на првачињата во училиште е радосен настан во семејството, па родителите сметаат дека за овој свечен момент, освен прибор, првачето мора да добие се ново, од патика и јакна, до маица. За да се подготви еден првоодделенец потребен е прибор, дрвени боички, пластелин, фломастери, темперни бои, тетратки, боенки, работни листови, глина, ножички, блокчиња, линијари, папки, хартија во боја, ранец и облека. Голем дел од родителите веќе имаат набавено дел од школскиот прибор и облеката, но велат дека дополнително денеска на првиот училишен час ќе се информираат од учителките дали ќе треба да докупат уште нешто.

По обиколката на книжарниците во главниот град дојдовме до сума дека само за купување на ранец и училишен прибор родителите ќе треба да одвојат најмалку 2000 денари и тоа доколку купуваат на пазарите или во кинеските продавници. Во книжарниците цените се повисоки, а најмногу чини ранецот. Чантата за училиште со ликовите на омилените цртани херои на децата во книжарницата чини околу 2500 денари. 

- Првачињата се најмногу возбудени и бараат да им се купи се, а најмногу одбираат тетратки и ранци на кои на предната страна ги има нивните јунаци од сериите. Школскиот прибор деновиве најмногу се бара - велат од книжарниците.

Облеката е задолжителен дел од подготовките. Секако гардеробата за првачето чини далеку повеќе од приборот. Иако детска, оваа облека веќе одамна е дури и поскапа од онаа за возрасните. За да остават добар впечаток пред новите другарчиња, родителите често се одлучуваат на дечињата да им купат и квалитетна и брендирана облека за првиот час, се разбира, доколку може тоа да си го дозволат. Сепак една јакна, дуксер, панталончиња, маица, чевли и патики во просек родителите ќе ги чини околу 5 000 до 6 000 денари. Се разбира цените варираат во зависност од местата од каде облеката е купена, па на пазарите таа може да чини и многу помалку.

Школски прибор
ранец 500-2500 ден
комплет прибор 356 ден
тетратка 20 ден
молив 30 ден
фломастери 130 ден
дрвени боици 99 ден
темперни 240 ден
пластелин 50 ден
блокче 30 ден
кеса за блокче 35 ден

Облека
палто 1500 ден
дуксер 1000 ден
маица 500 ден
фармерки 1200 ден
патики 1500 ден
чевли 1500 ден
балетанки 600 ден