Наскоро регистар на преземени недвижности наменети за продажба

На едно место секој заинтересиран инвеститор и купувач на недвижен имот да добие точна информација за недвижниот имот расположлив за продажба. Тоа треба да се овозможи со воспоставувањето на новиот регистар на преземени недвижности наменети за продажба, што се очекува да профункционира до крај на годинава во рамки на е-Кат системот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Како што јави агенцијата МИА, формирањето на овој регистар е поврзано со Регистарот на цени и закупнини и Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, како дел од геодетско катастарскиот информациски систем. Податоците за недвижностите  од регистарот на преземени недвижности наменети за продажба ќе бидат предмет на обработка во Регистарот на цени и закупнини.

Почетното воспоставување на регистарот би значело доставување на податоците со кои располагаат банките, штедилниците, Управата за јавни приходи, Агенцијата за управување со одземен имот и други финансиски субјекти.

Предуслов за воспоставување на Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба беа измените и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности донесени во јуни годинава.

Од Катастарот за МИА велат дека работна група ги подготвува подзаконските  акти и се очекува следниот месец да биде готов потребниот Правилник за начинот на водење, формата и содржината на Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба.

 – Во правилникот е детално пропишана формата и содржината на Регистарот, потоа податоците за недвижностите  кои ќе се внесуваат во Регистарот, начинот на внесување/проверка на внесените податоци, како и обврската за Агенцијата за катастар на недвижности преку веб страницата да овозможи пристап до податоците од Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба. Регистарот ќе содржи просторни и описни податоци за недвижности преземени во постапка при наплата на побарувања или по други основи, наменети за продажба, како и податоци за субјектот  кој ги преземал недвижностите (Агенција за управување со одземен имот, Управата за јавни приходи, банки и др) – велат од Агенцијата закатастар на недвижности.

Паралелно со правната норматива, како што појаснуваат, се работи и на техничкото решение за воспоставување на регистарот, коешто вклучува дефинирање на структурата на записите и нивно поврзување со податоците на катастарот на недвижности. Се планира, најавуваат, до крајот на оваа година да биде воспоставен Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба.