Комплексот „Македонско село“ наскоро се враќа на туристичката и културната мапа на Македонија.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски обзнани и кога точно почнува со работа.
- На 19 јуни ќе биде отворено „Македонско село“, најавив во моето гостување во „Ја сакам Македонија“ на Сител ТВ. Исполнуваме уште едно дадено ветување, како резултат на нашата посветеност и грижа за јавните добра, наведува тој во својата Инстаграм објава.
Комплексот не функционира речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме, СОЗР редовно ги исплатуваше трошоците за осигурување и обезбедување и практично имаше финансиски загуби од над 300.000 евра.
Сегашен концесионер е фирмата „Ла тераца“.
Комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел.
Со реотворањето на комплексот, ќе бидат создадени услови за поттикнување на развојот на туризмот со што ќе се создадат услови и за зајакнување на локалната економија, отворање на нови работни места, а ќе биде унапреден и туристичкиот капацитет во Скопје што ќе влијае на зголемен број туристи не само во Скопје, воопшто и во земјава.