Во Македонија од година во година се намалува бројот на возила што се увезуваат. 

Податоците на Царинската управа за регистрирани возила покажуваат дека минатата година се регистрирани 2.615 возила помалку во споредба со 2016 година, а драстично намалување за дури 31.033 возила има во однос на 2010 година кога беше дозволен повластен увоз на половни автомобили.

Во 2010 година беше донесена владина одлука со која се дозволи повластен увоз на половни возила од Европа со кој им се овозможи на граѓаните да ги заменат возилата кои дотогаш ги возеа како „југо“, „фиќо“, „застава“, „лада“ и „варбург“. 

Во тој период беше забележан најголемиот увоз на половни автомобили, но увозот на возила со пониски еколошки стандарди придонесе дополнително да се загади амбиенталниот воздух во градовите.

Импортерите на нови возила уште тогаш реагираа дека со увозот на стари возила со пониски еколошки норми дополнително ќе се загади воздухот.

– Треба да се има предвид дека кога купувате половно возило со ЕУРО 4 стандард, тоа не ги исполнува овие стандарди. Тоа возило било ЕУРО 4 кога излегло од фабрика, но после седум-осум години со поминати 300-400 илјади километри, тоа всушност не ја исполнува ЕУРО 4 нормата. Тоа исполнувало ЕУРО 4 стандарди кога било ново, кога излегло од фабриката, појаснуваат дел од импортерите на нови возила.

За да се намали загадувањето, сметаат дека треба да се подигнат нормите и да се дозволи увоз со минимум ЕУРО 5 стандард, бидејќи на пример во Европа на сила се возила со ЕУРО 6-2 стандард.

Во наредниот период се очекува и наплив на дизел возила од Европа имајќи предвид дека последните информации говорат оти Германија им дозволи на градоначалниците сами да одлучуваат дали ќе забранат влез на дизел возила во централното градско подрачје, а и Рим најави дека до 2023 година нема да дозволи дизел возила да се движат во централното градско подрачје.

– Сите тие луѓе ќе гледаат да се откачат од дизел возилата, а каде ќе се откачат, ако не во Македонија, Турција, Узбекистан, Таџикистан, односно во земји кои немаат високи стандарди регулирани од страна на државата. Така што во наредните шест месеци до година ипол треба да очекуваме повторно да има наплив на дизел возила од надвор кои ќе се купуваат по смешни цени, велат дел од импортерите додавајќи дека она што треба државата да го направи е да ги крене нормативите за да не се повтори истата ситуација како во 2010 година.

Според експертите, дизел возилата се поголеми загадувачи на воздухот, а како што оценуваат тие со дозволениот увоз на половни возила се направи дизелизација на возниот парк во Македонија бидејќи најголем дел од увезените половни возила се со дизел мотор.

Според професор д-р Даме Димитровски од катедрата за мотори со внатрешно согорување на Машинскиот факултет во Скопје, сега соодносот меѓу дизел и бензински возила во Македонија е 50 – 50, а пред воведувањето на мерката за слободен увоз на половни возила нивниот сооднос бил 1:3 во корист на бензинските возила.