Наскоро ќе продолжат мерките за вработување преку АВРМ – во моментов активни само две

Вработувањата преку владините мерки што се спроведуваат преку Агенцијата за вработување на Република Макеоднија, по кусата пазуза од почетокот на годинава, наскоро ќе продолжат.

Од АВРМ информираат дека во многу скоро време, веројатно до крајот на наредната недела, Владата ќе го усвои новиот Оперативен план кој ќе важи за оваа година, а мерките предвидени со него ќе почнат да се реализираат веднаш.

– Кои мерки ќе бидат предвидени со новиот план ќе зависи од тоа колкав е буџетот за нив, но и колкав е интересот од невработените, информираат од Агенцијата.

Огласите за пријавување на заинтересираните компании и невработени за користење на бенефитите од активните мерки за вработување што се спроведуваат со ланскиот Оперативен план се истечени. Активни се уште два огласа – за посетување обука за задоволување на локалните потреби од квалификувана работа сила и за условен паричен надоместок за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик.

Огласот за обуки за струки кои им се потребни на општините е објавен во декември лани и трае до крајот на мсецов. Пријавените невработени прво ќе бидат селектирани, а потоа четири месеци ќе посетуваат обуки за неколку занимања кои им се потребни на работодавците во Охрид, Скопје, Прилеп и Струмица. Работодавците имаат обврска да вработат најмалку половина од невработените кои успешно ќе ги поминат обуките, а за возврат три месеци од државата ќе добиваат субвенција од 17.000 денари.

Огласот за пријавување кандидати за Програмата за условен паричен надоместок за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик е објавен на 10 овој месец и трае до крајот на наредниот. За овие лица работодавците кои ќе ги вработат шест месеци ќе добиваат субвенција за бруто-платата, по што уште шест месеци треба да ги задржат на работа. Субвенциите изнесуваат 17.500 и 19.500 денари по вработено лица. Освен ова, за трошоците за обуката работодавците шест месеци ќе добиваат уште по 5.000 денари по ангажирано лице.

Активните мерки за вртаботување се спроведуваат од 2007 година. До 2016 година со тие мерки беа опфатени повеќе од 102.000 невработени, а околу 43.400 лица се вработија. Меѓу најпопуларните беше онаа за доделување грантови на младите за самовработување, па се очекува дека таа ќе биде дел и од годинешниот Оперативен план.

Со ланскиот Оперативен план се спроведуваа 22 мерки за вработување и 11 услуги на пазарот на труд, а очекувани беа 10 илјади нови работни места. Овие мерки беа надополнети со втората фаза на проектот Македонија вработува, чиј прв дел се спроведе од средината на 2015 до средината на 2016 година.

Овој проект опфати повеќе категории невработени: до 35 години кои никогаш не работеле, до 50 години кои некогаш работеле, па останале без работа, над 50 години кои најмалку три месеци биле без работа, над 58 години кои две години немале работа и невработени родители на три и повеќе деца. “Македонија вработува# функционираше на тој начин што работодавците кои вработуваа невработени од петте категории, за извесен период беа ослободувани од плаќање придонеси за нив. Владата засега не се изјасни дали овој проект ќе има и трето продолжение.