
Адвокатот на Даниел Кајмакоски откри нови детали поврзани со киднапирањето на нашиот поп-пејач кое се случи минатиот месец во Белград.
Според информациите што ги соопшти адвокатот Бранислав Станишиќ, киднаперите насилно го врзале со селотејп и под закана со пиштол и нож го принудиле да влезе во возило кое се упатило кон Рума. Драмата, како што се наведува, кулминирала кај локацијата Бетон Хала, кога полицијата се обидела да го запре возилото за рутинска контрола, по што следела брканица, а поради густата магла киднаперите излетале од патот.
Тие го оставиле повредениот и врзан пејач во оштетеното возило и побегнале, а полицијата го пронашла Кајмакоски на задното седиште од автомобилот.
Истрагата и потрагата по сторителите, за кои се сомнева дека се мигранти, сè уште се во тек.