Министерството за надворешни работи истражува дали има основа за дисциплинска постапка против вработениот В.С. кој во вторникот го нападнал со тупаници по главата и телото својот колега со кого ја делел канцеларијата. 

- Случајот е пријавен во МВР, а ние врз основа на законските и подзаконските акти испитуваме дали има основа за дисциплинска постапка и дали и какви мерки ќе бидат преземени - велат од МНР за Плусинфо. 

Како што, неофицијално велат наши извори, во МНР никој не е изненаден од инцидентот затоа што не било прв пат вработениот В.С. да демонстрира насилство. Во овој контекст се прерараскажува инцидент од пред неколку години кога В.С направил тепачка и во македонската амбасада во Виена.

Според полициската верзија на тепачката, во вторникот во 16,40 часот, Т.Р.(41) од Скопје пријавил дека истиот ден во 15,20 часот, во канцеларија во зградата на Министерството за надворешни работи на улица Филип Втори Македонски во Скопје, физички бил нападнат од В.С., со кого ја делел канцеларијата.

Тој во пријавата навел дека додека работел, В.С. го нападнал со повеќе удари со тупаници во пределот на главата и телото. На Т.Р. му била укажана лекарска помош во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“.