Наш доктор на науки кој работи во Данска со решение како да се запре пандемијата за 10 до 15 дена

По најновите сознанија на научници од целиот свет, кои тврдат дека корона вирусот може да се задржи во воздухот подолго време и да се пренесува од човек на човек само со дишење, а не само преку искашлување, пеење или гласно зборување,  сега тие бараат од СЗО да ги ревидира своите препораки и да ги потврди нивните сознанија и да ги ревидира своите препораки.

Ова како да ги објаснува случаите на масовни заразувања на цели семејства од свадби и други семејни прослави кај нас, но и во нашето соседство.

Се чини дека носењето маска, треба и мора да биде наша задолжителна навика, се до пронаоѓањето на вакцина, или ефикасен лек против корона вирусот. Македонскиот доктор на технички науки, Марјан Божиновски, уште пред речиси еден месец, на порталот Емитер, објави статија со графикони, со која покажува колку е важно носењето маски и како со дисциплинирано носење маски, може целосно дури и да се запре пандемијата.

Марјан Божиновски е доктор на технички науки. Докторирал во 2004 година на Aalborg Universitet, Данска, во рамките на институтот за електронски системи. Во рамките на своите истражувања применувал различни методи и алатки од статистика и теорија на веројатност.

Според Шангајската ранг листа на универзитети од 2018 година, Aalborg Universitet е на 2. место во Европа, а 14. место во светот во областа електрично и електронско инженерство.

Најновата анализа која имала за цел да го квантифицира влијанието на носењето маски врз ширењето на SARS-CoV-2 (линк: http://ftp.iza.org/dp13319.pdf) утврдила дневно намалување на бројот на новозаболени за 40% во германскиот град Јена. За 10-тина дена, бројот на новозаразени паднал на нула.

-Направив симулации за две сценарија, за дневен пораст на бројот на новозаболени од 10% и 2%.

Други претпоставени параметри:

Почетен кумулативен број на потврдени заразени: 3000. Почетен дневен број на новозаразени: 150. Првите 14 дена нема носење маски.

Маските почнуваат да се носат на 15-от ден и тоа со претпоставена дисциплина како во градот Јена.

Резултат: За 10-12 дена од почетокот на масовното носење маски, веќе нема новозаразени и кумулативниот број на заразени повеќе не се искачува.

Заклучок: Ако во Македонија самодисциплината за носење маски е како таа во германскиот град Јена, логично е да се очекува дека за 10-12 дена бројот на новозаразени ќе падне на нула.

П.С. Општ заклучок е дека 40% дневна редукција за 10 дена води до 99.4% намалување на дневниот број на новозаразени во однос на почетниот број.

Статијата на Марјан Божиновски е објавена на 13.06 оваа година на порталот Емитер.