Народна Банка: Сопствениците на Еуростандард банка не беа подготвени за вложување капитал за таа да не е несолвентна

Во врска со писмото за оштетените штедачи на Еуростандар Банка – „Како пропадна Еуростандард банка“, објавен на 24 октомври 2020 година, Народна Банка до порталот Досие го испрати известување кое како и писмото на штедачите го пренесуваме во целост:

–       Во сиот изминат период, кон „Еуростандард банка“, континуирано се изрекуваа соодветни супервизорски мерки, согласно најдобрите меѓународни практики. За илустрација посочуваме дека само во последните две години беа донесени 11 решенија со голем број дополнителни супервизорски мерки.

За сите наоди од спроведените контроли и изречените супервизорски мерки во целиот период детално беа запознаени Управниот одбор и Надзорниот одбор на „Еуростандард банка“. Сите изречени мерки беа со цел заштита на нејзиниот биланс. Штитејќи го нејзиниот биланс се штитеа сите депоненти и воопшто сите доверители.

–       За сите констатирани индиции за неправилности во работењето на „Еуростандард банка“, коишто се во надлежност на други институции, Народната банка навремено има доставено соодветни известувања.

Како што веќе имаме известено, имајќи го предвид членот 181 од Законот за банките, со којшто се нормира кривичното дело – Предизвикување стечај на банка, на 9 октомври 2020 година, Народната банка поднесе и кривична пријава до Јавното обвинителство, против поранешни одговорни лица во „Еуростандард банка“ АД Скопје – сега во стечај, со предлог и за преземање мерки коишто се во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите.

–       Инаку, одлуките за издавање кредити, секоја деловна банка ги носи самостојно и одговорноста за нив е на банката, односно на одговорните лица во банката. Oвие одлуки не подлежат на одлучување и одобрување од Народната банка, односно супервизорот. Во рамки на контролата, супервизорот потоа, откако кредитите веќе се одобрени, врши оценка на ризикот преземен од банката, дали банката соодветно го прикажува преземениот ризик и како управува со овој ризик.

Согласно со законската регулатива, одлуките за одобрување поголеми кредитни изложености на банката се носат од страна на Надзорниот одбор на банката, во кој секако има претставници на нејзините сопственици.

Доколку со одобрени кредити, банката презела поголем ризик, тој мора соодветно да е покриен со повисоко ниво на капитал.

Истакнуваме дека токму затоа, дел од супервизорските мерки изречени кон „Еуростандард банка“ вклучуваа барање за вложување дополнителен капитал од сопствениците на Банката.

Решението за укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ е донесено по констатирање дека и од сопствениците, и од потенцијалниот инвеститор посочен од нив нема подготвеност за вложување капитал во Банката во обем потребен за таа да исполни минимални законски услови за работење, односно дека нема подготвеност за вложување на неопходниот капитал за таа да не е несолвентна.

Во оваа прилика, уште еднаш нагласуваме дека начинот на вршењето на супервизијата и банкарската регулатива кај нас беа предмет на детална проверка од ММФ и Светската банка, при што е потврдена високата оценка за ефикасноста на банкарската супервизија и нејзината значајна усогласеност со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија.

Народната банка е независна институција и во своето постапување се води исклучиво од законите, кои подеднакво важат за сите. Kако регулатор и супервизор на банкарскиот систем не смее и нема да дозволи банка да работи спротивно на закон со тоа доведувајќи ја во прашање и стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем.

Како и секогаш досега, Народната банка останува постојано достапна за одговор на прашањата коишто се предмет на интерес на јавноста, а се во нејзина надлежност, притоа придржувајќи се до законската и подзаконската регулатива.