Народна банка донесе одлука за дополнително јакнење на отпорноста на банкарскиот систем

Советот на Народна банка донесе одлука со која ги зајакнува заштитните механизми во банкарскиот систем во услови на постепено зголемување на системските ризици. Имено, од 1 август 2023 година се воведува стапка на противцикличен заштитен слој на капиталот на банките во висина од 0,5 проценти. 

Од Народната банка информираат дека со ваквиот чекор се придонесува за спречување и намалување на можните ризици.

– Со мерката се делува превентивно, односно се продолжува со натамошно зајакнување на капиталната сила на домашните банки, што е во основата на отпорноста на банкарскиот сектор на ризици. Имено, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, што ги вклучува податоците за првиот квартал на 2022 година, како и најновите показатели, се оцени дека има потреба од воведување стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот на банките за изложеностите во Република Северна Македонија, во висина од 0,5 проценти. Оваа мерка ќе почне да се применува од 1 август 2023 година, што значи обезбедување доволно простор за приспособување на банките и за постепено формирање на заштитниот капитален слој без негативни ефекти врз солидната кредитна поддршка за економијата, се наведува во соопштението.

Централната банка посочува дека билансите на банкарскиот сектор упатуваат на здрави фундаменти, што се потврдува и со редовните стрес-тестови коишто покажуваат дека банките се отпорни на можни шокови. 

– Капиталните позиции на банките се стабилни, а квалитетот на кредитното портфолио засега е добар. Профитабилноста на банките е на солидно ниво, што значи дека банките имаат доволно интерен потенцијал за исполнување на капиталните барања, вклучително и за исполнување на предложената стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 0,5 проценти. Сепак, работењето на банкарскиот систем и на економијата во целина и понатаму е придружено со неизвесност и ризици. Главен извор на ризици од окружувањето е војната во Украина, што во зависност од времетраењето и интензитетот на геополитичкиот шок, може да ги влоши перспективите за домашната економска активност и за инфлацијата. Ова негативно би се одразило врз работењето на компаниите и врз животниот стандард и куповната моќ на населението, што може да влијае врз способноста за редовно отплаќање на кредитните обврски и нивото на кредитниот ризик на банките. велат од Народната банка.

На редовната седница на Советот на Народната банка е усвоен и најновиот квартален извештај во кој последните макроекономски показатели упатуваат на остварување на ризиците во одредени сегменти од економијата, што создава понеповолен макроекономски амбиент за спроведување на монетарната политика. 

– Домашната инфлација, слично на глобалните движења и понатаму забрзува. Нагорните придвижувања кај домашните цени и понатаму главно се одраз на фактори на страната на понудата, односно на цените на храната и енергијата, како резултат на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени поради воените случувања. Овие промени се пренесуваат и врз цените на останатите производи и услуги, а со тоа и врз инфлациските очекувања, поради што Народната банка во неколку наврати ја зголеми основната каматна стапка за вкупно 1,25 п.п. Домашната економска активност од почетокот на годината главно се движи во согласност со очекувањата, а и натаму има солидна кредитна поддршка од страна на банките. На девизниот пазар притисоците се значително намалени, а девизните резерви се во сигурната зона. Сепак, ризиците за целокупниот макроекономски контекст сè уште се изразени и се поврзани претежно со надворешното окружување, а главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, посочува централната банка во денешното соопштение.