Ние повторно ги повикавме сите оние коишто сакаат чесно и одговорно да ја вршат оваа дејност да се пријават на овој оглас. Со новото координативно тело на превозниците разговаравме. Тие имаат чесни намери, навистина се заинтересирани да продолжат да работат, да работат токму онака како што се бара и е неопходно да биде во интерес на граѓаните, а и да биде овозможено најдобро што е можно услуга. Вака одговори градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на новинарско прашање што очекува од најновиот оглас за приватните автобуски превозници, чиј рок за пријавување заврши вчера.
- Второ, исто така разговаравме за адаптирање, односно за прилагодување кон стандардите што се важни за сите граѓани, меѓутоа и што се важни за градот од аспект на тоа да ги подобрите состојбите во животната средина, затоа што и тоа самото се јавува како предизвик во овие сите изминати години за што исто така и како град побаравме пред Советот да има можност и практично за обновување на дел од возниот парк којшто е, а сега во овој момент е практично со застарени стандарди и коишто би требало на одреден рок, како и во сите останати метрополи, се обновува и се надеваме дека нивната свесност и совесност ќе проработи и ќе го поддржат ова наше барање, појасни Арсовска.
Таа посочи дека ќе го почекаат и последниот рок согласно она што е позитивна пракса, да пристигнат доколку има и по пошта некои дополнителни апликации, па согласно истото, веќе од наредната недела би требало комисијата што работи на овој предмет, да има и финална одлука.