Наредната година ЕУ ќе го укине роамингот и за Македонија

Во мај следната година ќе биде објавен план за укинување на роамингот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, најави европската комесарка задолжена за дигитална политика Марија Габриел.

Габриел, за порталот Еурактив изјави дека ќе претстави детален пакет мерки на состанокот за проширување на забраната за наплата на роаминг во ЕУ, која се однесува на Србија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Сепак, комесарката истакна дека не може да каже колку време треба да помине пред договорот за укинување на роамингот меѓу ЕУ и западнобалканските земји да стапи на сила.

– Навистина ми е важно да не разгорувам очекувања кои не се изводливи и реални. На ЕУ за тоа и требаа десет години. Треба да останеме мирни и да го направиме тоа многу сериозно бидејќи очекувањата во регионот се огромни, истакна Марија Габриел.