Нарачуваш едно, добиваш друго и тоа без фискална сметка - се апелира до граѓаните да внимаваат кога купуваат преку интернет

Се апелира до граѓаните на зголемена внимателност при купувањето  преку интернет.  Во последно време се јавуваат голем број потрошувачи со најразлични проблеми при купувањето на производи преку социјалните мрежи или интернет продавници.

Треба да се внимава дали веб продавницата ги исполнува законските услови да продава производи или услуги преку интернет, односно дали е јасно наведено која фирма го продава производот или услугата, кое е седиштето на фирмата, каде може да се врати производот, дали има телефонски број за контакт и дали има објавено формулар за враќање на производ каков што е предвиден со Законот за заштита на потрошувачите.

Потрошувачите, особено треба да внимаваат при купувањето на производот да им биде врачена фискална сметка или друг валиден документ согласно закон, кој го издава трговецот кој го продава и испраќа производот, а не доставувачот.

– Потрошувачите кои ќе купат производ без притоа да ги проверат овие информации и без да им биде врачен валиден документ за купопродажба, се доведуваат во ризик да не можат да ги остварат своите потрошувачки права. Во изминатиот период многу често се случуваше одредени интернет продавници иако преставени на македонски јазик и кирилско писмо, да бидат регистрирани надвор од територијата на Република Македонија, па поради тоа Државниот пазарен инспекторат како надлежен орган во случаи за интернет купување на производи и услуги да нема надлежност, а потрошувачите да не можат да ги оставарат своите права .

Во изминатиот период на социјалните мрежи се појавија голем број реклами на интернет продавници кои нудат услуги или производи на потрошувачите, најчесто со цени што се значително помали од цените на таквите производи кои се наоѓаат во малопродажните маркети, a производот или услугата изгледаат подостапни преку интернет и најверојатно од тие причини потрошувачите се решаваат да ги купат тие производи по пат на интернет.

Потрошувачите се пожалиле дека производите не наликуваат на тоа што е прикажано на сликата, или пак се жалат дека им пристигнал производ во друга боја, големина или изглед, добиле сосема друг производ, добиле оштетен производ итн. Потоа дека при купувањето на производите тие добиле само испратница од сервисот за брза испорака, но не и фискална сметка или друг вид на потврда согласно закон. Дополнително правото на потрошувачите да се премислат во рок од 14 дена не може да се оствари поради тоа што потрошувачите немаат никаква информација за испраќачот/трговецот, освен e-пошта поставена на веб страна/профил на социјална мрежа, на која што најчесто никој не одговара.