Напредува изградбата на телекомуникациската кула на Водно

Телекомуникациската кула на врвот на Водно се искачи на височина од 68 метри.

Градежните работи досега се одвиваат според предвиденото темпо, во моментов се работи на централното армирано-бетонско јадро кое ќе ја носи телекомуникациската опрема, сервисните простории, скали, лифтови и сите останата инсталации предвидени во објектот.

Она што можат да го забележат граѓаните на главниот град, претставува половина од финалната предвидена висина на телекомуникациската кула. Кулата ќе биде во сопственост на Агенцијата за електронски комуникации. Од таму информираат дека според планот досега изградбата е на речиси 27% од предвиденото. Засега се дефинирани надворешните делови од челичната конструкција, за потоа да следува монтирање на платформите. Истите ќе почнат со производство наредниот месец.

Веќе спроведени се тестирањата во однос на влијанието на ветерот, како и испитувања за статиката на објектот во случај на земјотреси. ИЗИИС има спроведено тестирања според сите стандарди и на моделот на објектот, но и на самите челични конструкции кои веќе се наоѓаат на врвот на Водно. Во 2017-та објектот ќе достигне висина од 78 метри, со што ќе го надмине Милениумскиот крст за околу 11 метри. Финалната висина и изглед се очекува Скопјани да ја видат во 2018-та. 

Со своите 155 метри, телекомуникациската кула ќе биде највисокиот објект во Македонија, а нејзината намена ќе биде контрола и мониторинг врз радиофреквенциите на територијата на целата република. Инвестицијата тешка 18 милиони евра започна со реализација во 2013-та година.

Фото: Build.mk