
Инцидент на линијата од Водно кон центарот на градот ја вознемири јавноста откако група млади лица, под наводно дејство на алкохол, се заканувале со ладно оружје на патници и случајни минувачи.
Празничниот ден и вообичаениот излет на Водно за малку ќе завршеле со трагични последици по група млади лица. Скопјанката Наташа Младеновска јавно сподели вознемирувачко сведоштво за настан кој започнал во автобус на ЈСП, а ескалирал во директна закана по живот со употреба на ножеви.
Според наводите на Младеновска, сè започнало со вербални провокации и недоразбирања меѓу група малолетници на возраст од околу 16 години. Ситуацијата нагло се влошила кога дел од младите извадиле ножеви, по што ќерката на Младеновска, во состојба на паника и шок, побарала помош од својата мајка преку телефонски повик.
„Добив повик од ќерка ми. Паника. Плачење. Глас кој се тресе“, раскажува Младеновска, која веднаш се упатила кон местото на настанот за да ги заштити децата.
Пристигнувајќи на местото каде што бил запрен автобусот, Младеновска се соочила со напаѓачите – група од четири лица (две девојчиња и двајца млади мажи). Според нејзиниот опис, тие биле во видно алкохолизирана состојба и со агресивно однесување.
„Со ножевите во рака тргнаа кон мене“, сведочи таа, додавајќи дека само благодарение на нејзината присебност и одлучност успеала да ја смири ситуацијата и да спречи физичка пресметка, иако тензијата била на критично ниво.
Иако овој случај завршил без физички повредени, Младеновска упатува сериозно предупредување до институциите и јавноста за порастот на насилството кај младите. Таа ја потенцира леснотијата со која малолетниците носат и користат ладно оружје, како и отсуството на соодветна контрола и безбедносни механизми во јавниот превоз.
„Ова не е само изолирана приказна. Ова е реалност во која децата носат ножеви како тоа да е нормално. Прашањето е – до кога ќе молчиме и што треба да се случи за да се реагира?“, прашува Младеновска во своето обраќање.
Овој инцидент повторно го отвора прашањето за безбедноста во Град Скопје и потребата од засилени полициски контроли во критичните точки каде што се собираат млади лица, особено за време на празници и викенди.