Наместо во странство, трансплантации на коскена срцевина, панкреас, црн дроб и бели дробови хирурзи ќе ги изведуваат и во Македонија

Наместо во странство, трансплантации на коскена срцевина, панкреас, црн дроб и бели дробови хирурзи ќе ги изведуваат и во Македонија.

Лиценца за овие услуги може да добие една приватна болница во Скопје, но под услов да има странски експерти и задолжително да присуствуваат и лекари од државните клиники за време на интервенцијата за да учат.

Министерот за здравство Венко Филипче за Сител вели дека ова е добра можност и за пациентите и за системот. Болните нема да патуваат илјадници километри од дома а ќе бидат заштедени и пари во здравствениот буџет.

За овој проект, Владата на синоќешната седница ја утврдила постапката за доделување на лиценци.

-Идејата е да се обезбедат соодветен обем на услуги, односно, дел од тие здравствени услуги за кои сега Фондот за здравствено осигурување ги праќа пациентите на лекување во странство се отвора можност со овие лиценци да ги има и кај нас. Со овие лиценци да донесеме експерти од надвор да се користат постојните капациенти и да имаме заштеди во фондовската каса, вели Миле Бошњаковски портпарол на Влада

За реализација на оваа мерка, здравствените власти велат дека нема да издвојуваат екстра пари туку ќе ги користат финансиите предвидени за лекување во странство. Очекуваат дека во Македонија една трансплантација нема да чини 200 000 евра како што сега плаќа Фондот за добивање на таква услуга во странска болница.