Наместо јавен превоз улиците преполни со автомобили

Воздухот во Скопје и изутринава е загаден над дозволеното. Највисоки концентрации на ПМ10 честички повторно има во Лисиче 313 микрограми на метар кубен, кај Ректорат се измерени 182, во Гази Баба 159, во Центар 110 и во Карпош 96 микрограми.

По добиените информации дека квалитетот на воздухот во Скопје последователно два дена е загаден над дозволеното, односно над 200μg/m3, вчера повторно беа активирани мерките за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот.

Како дел од мерките за справување со аерозагадувањето, во Скопје јавниот превоз е бесплатен за сите корисници на истиот.

Сепак, оваа мерка не спречи создавање на сообраќаен метеж по скопските улици и булеварите. Не влијаат ниту препораките граѓаните да се организираат и да користат заеднички превоз, па така во најголем број возила учесници во сообраќајот утрово можеше да се забележи само по еден патник, односно возачот.

Бесплатниот јавен превоз ќе трае сè до намалувањето на загадувањето во дозволените граници.

УХМР најави дека од четврток попладне следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.