Намалување за 50% на сообраќајките со жртви во првите два месеци од годинава

Вчеравечер министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, беше во скопски Чаир каде полициски службеници преземаа сообраќајни активности во овој дел од градот Скопје, во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот и санкционирање на возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Посетата е продолжение на серијата средби на министерот Спасовски со полициските службеници на терен, каде на лице место во работна атмосфера, директно на терен се информира како се остваруваат предвидените планови и задачи.

„Сакам да потенцирам дека ова раководство на Министерството за внатрешни работи од 2017 година, па наваму континуирано инвестира во материјално-техничкото опремување на сите единици на МВР, вклучително и на единиците на сообраќајната полиција, а во насока на подобрување на безбедносната состојба во сообраќајот, намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди со потешки последици, постигнување на повисок степен на поволна безбедносна состојба во сообраќајот на патиштата и воспоставување на поголема дисциплина кај учесниците во патниот сообраќај“, напомена Спасовски.

Министерот потсети дека со унапредувањето на капацитетите и модернизацијата во работењето на сообраќајната полиција, преку набавените возила и опрема, МВР остварува сериозен напредок во работењето.

„На подрачјето на СВР Скопје годината ја започнавме со 20% намален број несреќи со потешки последици за разлика од јануари минатата година, а во првите два месеца од 2023 година бележиме двојно намалување на сообраќајни несреќи со жртви (3) споредбено со истиот период лани (6). Во текот на 2023 година на територија на СВР Скопје во месеците јануари и февруари за возење со брзина поголема од дозволената санкционирани се 1.815 возачи. Исто така, во првите два месеца од 2023 година за возење под дејство на алкохол санкционирани се 394 возачи“, информираше министерот.

Спасовски изрази уверување дека ќе се продолжи и понатаму со зголемување на ефикасноста во санкционирањето на возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а сето тоа во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот како еден од врвните приоритети.