Намалување на цените на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 3,42% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно Одлуката од 02.03.2020 година.

Од вечерва на полноќ 00:01 часот на 10.03.2020 година, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 2 денари за литар и ќе изнесуваат 62 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-95 и 64,00 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-98.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 денари за литар и ќе изнесуваат 54,50 ден/лит за ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и 43,50 ден/лит за Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1).

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,495 ден/кг и ќе изнесува 28,895 ден/кг.

Од вечерва на полноќ 00:01 часот на 10.03.2020 година максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 62,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС -98 64,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 54,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 43,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 28,895 (денари/килограм)

Клучните фактори што влијаат на крајната цена согласно Методологијата за формирање на цените е курсот на денарот во однос на доларот и референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар.

Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат намалување и тоа кај бензинот во просек за околу 6,30%, кај дизелот намалување е во просек за околу 3,24%, кај екстра лесното масло има намалување во просек за околу 3,55% мазутот е намален во просек за околу 4,23%. Во исто време курсот на денарот во однос на доларот во изминатиов седумдневен период е намален за 2%. Согласно Методологијата за формирање на цените, вклучени се сите овие влезни параметри и извршено е соодветно прилагодување.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.03.2020 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.