Намалени трошоците: Што поевтини во јули?

Во јули оваа година трошоците за живот се намалиле за 0,3 отсто, во однос на претходниот месец. 

Но, цените на мало скокнале за 0,4 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Дел од храната е поевтина, а транспортот поскапел. 

Ако споредиме јули 2018 со јули 2017 година, се забележува дека трошоците на живот пораснале за 1,7 отсто, а цените на мало за 3,3 отсто.

Намалување на трошоците на животот во јули годинава во споредба со претходниот месец има кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 12 отсто, кај свежото и разладеното овошје за 2,3, маслото и маснотиите за 1,1 отсто, другите пекарски производи за 0,6, брашното и другите житарици за 0,5, сирењето и урдата за 0,4, замрзнатата риба, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,3 отсто. 

Поевтинување има кај отпадната вода за 6,2 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 5,9, течните горива за домаќинствата за 1,7, информатичката опрема за 1,5 отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 1,2, средствата за чистење и одржување на станот за 0,9, обувките за 0,8, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,4 отсто.

Зголемување на трошоците на животот има кај сувото овошје и јаткастите производи за 0,9 отсто, јогуртот за 0,6, свежата и разладената риба за 0,5, сушеното, соленото и чаденото месо, јајцата и цигарите за 0,4 отсто, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0,3, житата, замрзнатото овошје и другите прехранбени производи за 0,2 отсто. 

Раст е евидентиран и кај авионскиот превоз на патници за 16,1 отсто, туристичките пакет-аранжмани за 6,5, услугите за сместување за 3,4, патниот сообраќај за 1,6, парамедицинските услуги, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 1,5, велосипедите за 1,0 отсто, услугите за култура за 0,9, теписите и другите покривки за под за 0,7, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,6, услугите за одржување на станот за 0,5, терапевтските помагала за 0,4 отсто, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, градините, растенијата и цвеќињата за 0,3, ткаенините и угостителските услуги за 0,2 отсто.