Наков: Јавноста мора да знае од каков тип на панели е изградена модуларната болница во Тетово

Не стивнуваат реакциите на граѓаните во однос на одговорноста за несреќата што се случи во модуларната ковид-болница во Тетово каде животот го изгубија 14 лица. 

Трагедијата за нивните семјства, роднини и пријатели е преголема, а пораки за сочувство пристигнуваат од сите страни. 

Дали оваа мораше да се случи? - е прашањето кое, се чини, останува да виси во воздух.

Ангел Наков, на социјалните мрежи, алармира дека материјалот од кој е изградена болницата може да биде потенцијална причина за брзината на пожарот. 

-За оние што не се упатени, треба да знаат дека на пазарот има два типа на изолациони панели: ПИР И ПУР. Разликата е во тоа што ПУР панелите не се отпорни на оган и практично доколку дојде до пожар тешко може да се изгаснат. ПИР панелите се отпорни на оган (во зависност од прозиводителот и до 30 минути на отворен оган) и не дозволуваат ширење на пожарот. Јавноста мора да знае од каков тип на панели е изградена модуларната болница во Тетово. Јавноста мора да знае од каков тип на панели се изградени и останатите модуларни болници кои ги има низ цела Македонија, вели тој.

Оттука се наметнува потребата доколку се градени со ПУР панели треба веднаш да бидат затворени.

-Слична трагедија може да се случи во секој момент. ПИР панелите се поскапи од ПУР панелите за околу 2 евра за 1м2. Доколку некој си дозволил за 2 евра по 1м2 да ги ризикува животите на граѓаните, тогаш тој го допрел дното на мизеријата, алчноста, нечовечноста, со еден збор – монструозно, предупредува Наков.