Зимата често ја поврзуваме со помал избор на свежо овошје, но вистината е дека и во овој период природата ни нуди вкусни и хранливи опции.
Photo by NordWood Themes on Unsplash
Некои зимски овошја изобилуваат со витамини, минерали и антиоксиданси што помагаат во зајакнување на имунолошкиот систем и обезбедуваат енергија во студените денови. Во продолжение следуваат пет здрави зимски фаворити што вреди да ги вклучите во вашата исхрана.
Јаболка
Photo by Priscilla Du Preez on Unsplash
Јаболкото е овошје достапно во текот на целата година, но особено е корисно во зимските месеци. Богато е со растителни влакна (пектин), витамини и минерали, а содржи и антиоксиданси што помагаат во борбата против воспаленијата. Консумирајте го свежо или печено, додадете го во утринската овесна каша или направете топол компот. Јаболкото остава простор за многу вкусни комбинации.
Портокали
Photo by Sean Mungur on Unsplash
Портокалите се еден од најдобрите избори кога станува збор за зимските овошја. Тие се одличен извор на витамин Ц, кој е клучен за силен имунолошки систем и здрава кожа. Покрај тоа, содржат фолна киселина, калиум и растителни влакна. Пијте свежо цеден сок или јадете ги портокалите за да ги искористите сите нутритивни придобивки од нивната пулпа.
Киви
Photo by engin akyurt on Unsplash
Иако често се поврзува со тропските предели, кивито е достапно и во студените месеци, носејќи висока доза на витамин Ц и витамин Е. Неговата зелена внатрешност е богата и со растителни влакна, кои помагаат за подобро варење. Кивито можете да го консумирате како освежување меѓу оброците или да го додадете во овошни салати и смути.
Калинки
Photo by Dagmara Dombrovska on Unsplash
Калинката е вистинско „супер-овошје“ со својот интензивен вкус и прекрасна рубинско-црвена боја. Семките од наре се богати со антиоксиданси, особено полифеноли, кои помагаат во заштита на клетките од оштетувања. Исто така, содржи витамин Ц и калиум, кои го поддржуваат здравјето на срцето. Слободно додадете ги семките во салати, смути или уживајте во сок од калинка.
Грејпфрут
Photo by charlesdeluvio on Unsplash
Грејпфрутот е цитрусно овошје коe често е потценето, но има значителен нутритивен профил. Богат е со витамин Ц, калиум и антиоксиданси кои го одржуваат имунолошкиот систем силен. Има малку калории, а многу вода и влакна, што помага во хидратацијата и регулирањето на апетитот. Можете да го консумирате свеж или да го исцедите во сок, но внимавајте при комбинирање на грејпфрут со одредени лекови, бидејќи може да влијае на нивната апсорпција.
Јаболкото, портокалот, кивито, калинката и грејпфрутот се пет одлични примери на зимски овошја кои не само што се вкусни, туку и богати со хранливи материи. Со нивната редовна консумација, ќе го поддржите имунолошкиот систем, ќе внесете потребни витамини и ќе го освежите организмот дури и во најстудените денови.