Највисока исплатена плата во Македонија: Скопјанец земал по 225.000 евра месечно

Скопјанец вработен во приватното здравство минатата година земал месечна бруто-плата од 225.000 евра, односно неговата годишна бруто-плата изнесувала 2,7 милиони евра, што е највисоката плата исплатена во Македонија. 

Најголемиот исплатен бонус, односно дополнителен приход од работното место лани изнесувал 416.000 евра. Ова го покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) собрани од годишните даночни пријави што ги поднесуваа граѓаните за 2016 година. 

Податоците покажуваат дека највисоката годишна бруто-плата е исплатена во приватното здравство, по што следат фармацевтската индустрија, трговија на големо и информатичките технологии. 

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, вели дека најголем годишен приход за минатата година пријавил жител на Скопје во висина од 4,1 милион евра, додека најголемата капитална добивка изнесувала 1,3 милиони евра. Најбогат пензионер е струмичанец, кој во УЈП пријавил годишен бруто-приход од пензијата и дополнителни примања во висина од околу 680.000 евра. Највисоки бруто-приходи само од пензија, пак, пријавил жител на Скопје кој во текот на минатата година имал околу 30.000 евра. Најголема заработувачка од исплатена дивиденда имал скопјанец, кој по овој основ пријавил околу 1,8 милиони евра. Велешанец има пријавено најголема заработувачка од повремено вршење услуги, за што има приходи од 948.000 евра. 

Најголем успех во игрите на среќа лани имал скопјанец, кој само по овој основ остварил бруто-добивка од 447.000 евра.

Податоците на УЈП покажуваат дека за 2016 година 439.000 граѓани поднеле годишна даночна пријава, при што заедно пријавиле вкупни бруто-приходи од околу 2,8 милијарди евра, а платиле персонален данок во висина од над 162,6 милиони евра.