Најубавите анимирани филмови од 88 земји на “Анимакс Скопје фест”

Во четирите фестивалски денови на “Анимакс Скопје фест” ќе биде прикажан 41 краткометражен филм и 10 филма за деца во официјална конкуренција.

Тие се избрани од пријавените рекордни 3.156 анимации од 88 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил…

На меѓународниот филмски фестивал за анимиран филм “Анимакс Скопје фест” што ќе стартува денеска и ќе се одржува до 24 декември, ќе биде прикажан 51 анимиран филм во официјалната програма, од кои 10 се наменети за детската публика. Седмото издание на фестивалот под мотото

„Исцеди уметност“ ќе се одржува во Кинотека на Македонија.

Во четирите фестивалски денови на Анимакс Скопје Фест ќе биде прикажан 41 краткометраженн филм и 10 филма за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените рекордни 3.156 анимации од 88 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.

“Кога се сака, се може, па така и седмото издание на “Анимакс Скопје фест” се случува со исцедена, концентрирана уметност. Од 3.156 анимации, исцеден е 41 филм за возрасни, 10 филма за деца и неколку работилници”, вели директорот на фестивалот Кузман Кузмановски.
Голем дел од филмовите кои се борат за наградата Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.

Оваа година жири-комисијата која ќе одлучува за најдобрите анимирани филмови ја сочинуваат руската аниматорка Наталија Березоваја, српскиот интернет треш аниматор Данило Дабиќ (Звогањ) и Соња Јаќоска-Самарџиева, уредник на играно-документарна програма во Македонска телевизија.

Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20 часот. Билетите за проекциите во 20 часот чинат 50 денари.

“Анимакс Скопје фест” е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. чија цел е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.
Фестивалот се одржува во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште “Тинтири-минтири” од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на РМ, Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.

Посебна програма за деца

Оваа година посебно ќе се обрне внимание на работилниците за деца.

Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на 23 и 24 декември (сабота и недела) со почеток во 12 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Проекциите за деца се бесплатни.

Во рамки на фестивалот ќе бидат организирани две работилници за деца. Ментор на првата работилница е Хрвоје Селец, директор на хрватскиот фестивал за анимирани филмови за деца ВАФИ од Вараждин.

Работилницата за стоп анимација за деца со руската аниматорка Наталија Березоваја ќе се одржи на 23 декември во 14 часот во Кинотека на Македонија.