Најтешката лекција во животот не е како да се држиме за нешто, туку како мирно да го пуштиме она што повеќе не е наше

Живееме во време во кое постојано ни се повторува дека треба да бидеме упорни, да се бориме, да не се откажуваме, да вложиме уште малку труд.

Photo by Anya Chernykh on Unsplash

Си велиме дека треба да вложиме уште малку трпение, уште малку надеж, како секоја работа, секоја љубов, секое пријателство и секоја животна одлука да се решава само со повеќе напор, но вистината е дека постои една тивка мудрост која доаѓа со годините и искуството, а тоа е дека не сите работи во животот треба да се туркаат со сила и не сите врати треба да се отвораат ако зад нив нема мир.

Понекогаш најзрелата одлука не е да останете, туку да си дозволите да признаете дека нешто едноставно не е за вас, дека некој разговор постојано ве уморува, дека некоја личност во вас создава немир наместо топлина, дека некоја работа ви ја троши енергијата наместо да ви дава чувство на смисла, и дека животот не треба да изгледа како постојано убедување на самите себе дека сте среќни таму каде што длабоко во себе чувствувате тежина.

Инстинктите се нешто што многу често го игнорираме затоа што логиката, стравот, општеството и туѓите очекувања знаат да бидат погласни, но телото секогаш знае, начинот на кој дишете кога сте покрај некого, начинот на кој ви е мирна или немирна главата навечер, начинот на кој се будите наутро кога знаете дека треба да одите некаде или да се видите со некого, сите тие мали сигнали се јазикот преку кој животот ни кажува дали сме на вистинското место или само се обидуваме да останеме таму каде што одамна не припаѓаме.

Има периоди во животот кога треба да вложиме многу, кога треба да бидеме храбри, кога треба да поминеме низ тежок период затоа што нешто навистина вреди и затоа што растот секогаш доаѓа со малку страв и неизвесност, но има и периоди кога најхрабрата работа што можеме да ја направиме е да престанеме да се бориме, да престанеме да докажуваме, да престанеме да убедуваме и да си дозволиме да пуштиме нешто што повеќе не нè прави мирни.

Ова не мора да биде драматично, не мора да биде со големи зборови и објаснувања, понекогаш пуштањето е многу тивок процес во кој едноставно престанувате да се обидувате таму каде што само вие се обидувате, престанувате да чекате пораки што не доаѓаат, престанувате да се надевате на верзии од луѓе кои никогаш не се случиле и престанувате да се држите за идеи за живот кој повеќе не постои.

Не е сè што завршува трагедија и не е сè што не успеало пораз, затоа што понекогаш работите не завршуваат затоа што сме направиле нешто погрешно, туку затоа што нивното време поминало и затоа што животот многу тивко нè турка во друга насока, кон други луѓе, кон други места, кон друга верзија од нас самите која сè уште не ја познаваме.

Можеби најважното нешто што треба да го научиме е да си веруваме себеси, не на стравот, не на туѓите мислења, не на идејата дека мора да издржиме по секоја цена, туку на оној мирен внатрешен глас кој не зборува гласно, но секогаш знае каде има мир, каде има љубов и каде има живот што не се живее со сила, туку се живее природно, како река што сама си го наоѓа патот.